1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

160910 GB Papstbesuch

16 септември 2010

Папата Бенедикт Шеснаесетти од денеска (16.09.10) е во четиридневна посета на Велика Британија и тоа на покана на Кралицата Елизабета Втора. Ова е прва посета на поглавар на католичката црква од шизмата во 16 век.

https://p.dw.com/p/PDji
Папата Бенедикт беше дочекан со највисоки почестиФотографија: AP

Оваа посета нема да биде лесна и пријатна за папата Бенедикт Шеснаесетти. Велика Британија е принципиелно секуларна држава, во која влијанието на црквата и религијата врз јавниот живот се многу помали отколку во Германија, на пример. На британскиот остров само десет проценти од вкупното население е со католичка вероисповед.

Познати личности, кои се декларираат како атеисти, јавно протестираат против посетата на Папата: „Папата има повеќе причини за загриженост, бидејќи овде се забележува лутина, па дури и гнев затоа што е поканет во нашата земја, за овде да шири ставови кои не се во согласност со ставовите на мнозинството на населението, а можеби дури и од оние на мнозинството на католиците во земјата“, вели Кејт Вуд од „Националното секуларно здружение“.

Скапа посета

Една од причините за јавниот протест против посетата на Папата се и големите трошоци за неа. Доаѓањето на Поглаварот на Католичката црква ќе ја чини британската држава дури 15 милиони евра. Кардиналот од Шкотска, Кејт О’Брајен им се спротивставува на критичарите и нагласува дека Папата доаѓа на покана на Кралицата и дека е природно домаќинот да ги преземе трошоците. Надбискупот Винсент Николс, првиот човек на Католичката црква во Англија, додава: „Сигурен сум, тоа го покажува и моето искуство од контактите во црковните општини, како и од секојдневните разговори во Вестерминската катедрала, дека католиците во земјата многу и’ се радуваат на оваа посета.“

Großbritannien Vatikan Papst Benedikt XVI und Königin Elizabeth II
Папата и Кралицата Елизабета Втора на дочекотФотографија: AP

Слаб интерес за посетата

Католичката црква во Англија, меѓутоа, има големи проблеми да ги продаде влезниците за трите планирани јавни настапи на Папата, а и анкетите на јавното мислење покажуваат дека одушевувањето кај Британците е мало - дури две третини од нив не се заинтересирани за доаѓањето на Папата. Тоа го покажува и малата анкета спроведена на улиците на главниот град: „Не сум посебно заинтересиран за тоа. Знам дека Папата доаѓа, но тоа е се’. Нема да присуствувам на манифестациите.“ - „Искрено да ви кажам не му посветувам внимание на тоа, но сметам дека не е лошо што доаѓа.“

Großbritannien Vatikan Papst Benedikt XVI in Edinburgh Demonstration Ian Paisley
Свештеникот Јан Пејсли учествува во протестите против посетата на ПапатаФотографија: AP

Спорни ставови на Папата

Кај Британците наидуваат на отпор ставовите на Ватикан кон абортусот, кон контрацепцијата, хомосексуалноста и забраната жените да бидат свештеници. Згора на тоа доаѓа и серијата скандали со сексуална злоупотреба од страна на католички свештеници. Тери Сандерсон, еден од портпаролите на организираните противници на посетата на Папата, објаснува: „Не сме против католиците, туку против овој Папа. Тој е конзервативен и не ја придвижува црквата кон иднината.“

Наспроти ваквите, не многу пријатни најави за атмосферата што го дочекува на британскиот остров, Папата Бенедикт не ја криеше радоста од посетата: „Многу и’ се радувам на посетата на Обединетото Кралство. Господ нека ги благослови луѓето во Велика Британија!“

Автор: Торстен Хун/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска