1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конзервативците остнуваат најсилна фракција во парламентот на ЕУ

14 јуни 2004

Речиси во сите 25 земји членки на Европската Унија, грѓаните ја искористија можноста да ги опоменат своите влади. Во големите држави на Унијата како Германија, Велика Британија, Франција и Италија, на изборите за европскиот парламент изгубија владеачките партии.

https://p.dw.com/p/AcN1
Евро - избори
Евро - избориФотографија: AP

Ирскиот претседател на европскиот парламент во оставка, Пат Кокс, смета дека ваквите опомени имаат лошо влијание за Европа

“Мора да најдеме пат, за да ги подобриме европските избори. Ова го зборувам веќе 12 месеци. Резултатите покажуваат дека имав право.”

Победници на избрите според првичната поделба на местата се Конзервативците, кои уште од 1999 година се најсилна фракција во парламентот. Тие ќе добијат 269 мандати. Социјалистите со 199 места се втора по големина група. На трето и четврто место се наоѓаат Либералите и Зелените. Претседателот на фракцијата на конзервативците Ханс Герд Петеринг повика на поголема соработка, бидејќи ниту една од фракциите нема мнозинство.

Во Полска, Чешка, Данска, Шведска и Австрија добро котираат скептичарите и противниците на Европа. Во Велика Британија Партијата за независност, која се залага за излегување на Кралството од Европската Унија доби 18 проценти од гласовите. Противниците на Европа и другите десно ориентирани групи сега може да основаат сопствена фракција во евро – парламентот. За тоа колку се силни противниците на Европа, Пат Кокс оценува:

“Мислам дека 40 до 66 пратеници ќе припаѓаат во оваа група. Тоа е една дванаесетина од вкупниот број пратеници, значи 11 од 12 пратеници се наклонети кон Европа, со нив ќе работиме.”

Точниот состав на фракциите, кои се состојат од членовите на националните партии, ќе биде определен во наредните недели. Тешко е да се направат споредби со претходниот легислативен период бидејќи парламентот по проширувањето ќе брои 732 пратеници наместо досегашните 626.

Учеството на изборите во споредба со претходните избори во 1999 година е опаднато, во просек во сите 25 земји членки на ЕУ излегле 44, 6 проценти од избирачите. Екстремно голема е незаинтересираноста за Европскиот парламент во новите земји членки на Унијата. Во Полска само 15, 4 проценти излегоа на избори, откако Партијата на земјоделците повика на бојкот. Во десетте нови земји членки во просек излегоа 28,7 проценти од избирачите.