1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конкретна акција, а не стихијна презентација

14 јануари 2010

Културната презентација на Македонија во Германија е стихијна и неорганизирана. Континуирано е активен само „Прима Центар“ Берлин, преку кој се претставуваат уметници, што е недоволно за вистинска афирмација на земјата.

https://p.dw.com/p/LVA3
Јован БаловФотографија: DW

Во берлинскиот кварт Вединг, кој е синоним на алтернативната сцена и емиграцијата, се наоѓа галеријата на „Прима Центар“ која е редовно домаќин на македонските уметници кои се претставуваат пред германската публика. И нема да е претерано ако кажеме дека се’ што се случува на креативната релација Германија-Македонија е главно “акција” на Прима Центар-Берлин и нејзиниот “мотор” Јован Балов. Центарот постои 6 години и во овој период тука излагале 60 македонски автори. Лани македонското министерство за култура поддржа пет изложби. Јован Балов, смета дека е потребно поголемо внимание и образложува зошто.

Недостига ангажман и поврзаност

„Берлин е престолнина на културата на Европа и се’ повеќе го презема статусот на главен културен град на Европа. Се’ што се случува од македонска културна презентација во Берлин е или стихијно, или оди преку ’Прима Центар’. Нема конкретна акција, нема специјална група стручни лица кои би се ангажирале околку подготовка на проекти со кои целно би се активирала публиката. Ова го кажувам зашто во Берлин се отворени културни центри на сите поважни држави и нови членки на Евопската унија.”

Der Zeuge 1999 Pavle Kuzmanovski
„Сведоците“ на Павле Кузмановски ланскиот март беа претставени во АртЦентар БерлинФотографија: Pavle Kuzmanovski

Освен во Берлин, некои самостојни иницијативи имаше и во Дармштад. Но, тоа е далеку од она што треба и може да се направи, смета Балов дополнувајќи дека она што со години се пропушта во Македонија е да се направи едно мрежно поврзување, “ нет ворк” меѓу емиграцијата и колегите од Македонија. Не се негуваат контактите, ниту се користат луѓето што се подготвени за работа.

Елитата уметници во Берлин

Инаку, пред берлинската публика во изминативе години се претставила елитата македонски уметници, професори на Академијата, добитници на награди, учесници на Венецијанското биенале. Би споменале само неколкумина: Тони Мазневски, Жанета Вангели, Јован Шумкоски, Вана Урошевиќ, но и млади автори чија презентација во „Прима Центар“ била прва по дипломирањето. За нивното прифаќање Јован Балов забележува дека вниманието на алетнарнативната, но и воопшто на берлинската публика е големо. Тие очекуваат понатамошно сериозно презентирање на тие автори, бидејќи контингентот на информации е веќе поделен. Не е работата само да се презентрираат авторите, туку побитно е што тие биле во контакт со важни куратори од Берлин, како на пример Волфганг Петрих, Урси Еги, Кулц Меккензи.

Die Kuratorin Elena Veljanovska mit dem Künstler Igor Tosevski
Кураторот Елена Велјановска и уметникот Игор Тошевски се претставија во 2009 во БерлинФотографија: Silvera Padori

Годинашната сезона во „Прима Центар Берлин“ стартува со проектот “Графити – од вандализам во уметност” на германски автори. Поточно, во проектот што го иницираше Балов се вклучени петмина цртачи на графити кои биле осуден поради оваа активност. Овојпат, тие цртаа графити на платно и она што го создадоа може да се види во „Прима Центар“. И годинава како што вели Балов останува тежиштето - претставување на македонските уметници. Последните информации се дека Министертсвото за култура во Скопје ќе ја одобри програмата што ја предложи „Прима Центар“, иако нема информации со колку средства и колку изложби ќе бидат финансирани. Балов вели дека реакцијата на колегите од „Прима Центар“ од Скопје е позитивна и за првпат чувствуваат дека конечно се признава трудот и афирмацијата на „Прима Центар – Берлин“!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска