1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конкурентите играа за Баерн

Зоран Јордановски10 март 2008

Настаните во 23-тото коло на фудбалската Бундеслига му одеа на рака на лидерот Баерн, кој се одлепи на 7 бодови разлика од најблискиот конкурент Вердер. Кристален „глобус“ за германската скијачка Марија Риш

https://p.dw.com/p/DLji
Од натпреварот Нирнберг ХамбургФотографија: picture-alliance/ dpa

Баерн го направи своето - го совлада дома Карлсруе со 2 спрема 0, Но и конкурентите како да играа за него: Вердер претрпе тежок пораз на гостувањето во Штутгарт, а Хамбургер во Нирнберг освои само еден бод.

„Од наша страна тоа беше добар натпревар. Го држевме противникот под контрола, иако Карлсруе играше смело. Направивме натамошен чекор кон титулата. Сега имаме седум бодови предност пред Вердер, но првенството се’ уште ни оддалеку не е решено“ - ги коментира настаните тренерот на Баерн Отмар Хицфелд.

Штутгарт и Вердер одиграа спектакуларен натпревар, со девет постигнати голови, од кои 6 во мрежата на гостинот од Бремен. „Ова е недозволиво за една врвна екипа. Први дојдовме во водство, а потоа на противникот премногу му ја олеснивме задачата. На екипата мора да и’ се оддаде признание дека никогаш не се предаде и се обиде да стори се’, но не со разум, туку само со срце, а тоа не е доволно“ - оцени менаџерот на Вердер Клаус Алофс. Разум ја карактеризираше играта на домаќинот. „Многу подобро и не може да се игра на контранапади. Имавме многу ефикасна реализација. Повремено солидно комбиниравме. Севкупно во нападот тоа беше врвно постигнување на мојата екипа“ - рече тренерот на Штутгарт Армин Фе.

Хамбургер не ја искористи можноста

Хамбургер не направи скок на 2-то место на табелата но со преполовен тим поради повреди и не можеше да постигне повеќе од 0 спрема 0 кај Нирнберг, екипа која грчевито се бори за опстанок, смета тренерот Хуб Стевенс: „Ние немаме играчки кадар како Баерн Минхен и ако недостасуваат шестимина играчи, тогаш тоа се чувствува“.

Сега Баерн има 50 бодови, Вердер 43, а Хамбургер 42. Кон оваа група се приклучи и Баер Леверкузен, кој по победата над Хановер со 2 спрема 0 има 41 бод. Екипата на Михаел Скибе пролетва игра извонредно и во првенството и во купот на УЕФА. Тренерот и вчера беше задоволен - со резултатот, уште повеќе со играта: „Со исклучок на еден шут - како за предупредување - во првото полувреме, ние комплетно во текот на сите 90 минути супер ја контролиравме играта. Во едноминутен такт имавме добри, делумно и многу добри напади, изработивме прекрасни шанси. Севкупно сум задоволен со постигнувањето на екипата“.
Ни успесите на Шалке не го вратија мирот во клубот
Шалке по победата на гости против Арминија во Билефелд со 2 спрема 0 е на петтото место и засостанува 3 бодови зад екипата од Леверкузен. Овој и претходниот успех во Купот на УЕФА, кога Шалке на пенали го елиминира Порто, сепак не придонесоа целосно да се врати мир во редовите на лигашот од Гелзенкирхен. „Вистински мирно сепак не е. Мора да се биде успешен. Ова беше емоционална недела за сите нас и поради тоа сме и многу радосни што денеска победивме“ - вели Мирко Сломка, чија позиција како тренер, и покрај успесите, не е многу стабилна. Карлсруе на шестото место има два бода помалку од Шалке, а на исто толкава разлика зад него е бранителот на титулата Штутгарт. Со резултатски убедливите 3 спрема 0 против последнопласираниот Енерги Котбус, Волфсбург се искачи на 8-то место на табелата со 33 бодови, колку што има и Ајнтрахт, кој во Франкфурт одигра само 1 спрема 1 против Бохум. Хановер е десетти со 32 бода. Херта, која од гостувањето кај Борусија во Дортмунд се врати непоразена - резултатот е 1 спрема 1 - е на 11-тото место со 31 бод, Бохум има 30, Борусија 29.
Од 14-тото место сите екипи се во борба за опстанок
Ханза, која има 23 бодови, е во најповолна позиција, дотолку повеќе што на гостувањето кај конкурентот Дуизбург успеа да извлече нерешен резултат 1 спрема 1. Арминија на 15-тото место има 19 бодови, Нирнберг е 16-ти со 18. „Резултатот не не носи напред. Со еден бод, како што се гледа и од табелата, тоа е трка на полжави во дното на табелата“ - сликовито коментира Томас фон Хезен, кој од пред неколку кола го смени Ханс Маер на тренерското кормило на Нирнберг, но досега не му успеа да го поведе кон мирни лигашки води. Колку Нирнберг - 18 бодови, има и Дуизбург, а Енерги на последното место е со бод помалку.
Од фудбалот и една занимливост:
Бордот на Светската фудбалска асоцијација, задолжен за правилата на фудбалската игра, се искажа за воведување дополнителни судии-помошници кај головите, но против фудбалски топки со вграден чип, како и против камери кај головите. Бордот стави брана за сите технолошки експерименти од страв дека воведување камера во голот и топки со чипови кои би сигнализирале дали е мината линијта на теренот би повлекле и други технички помошни средства.
Кристални „глобуси“ за Риш и Акерман
За успесите на германските претставници во зимските спортови:

Марија Риш го освои малиот кристален глобус како победничка во светскиот куп во алпска комбинација. Ова е прв глобус за германското алпско скијање по шест години - во 2002-ра Хилде Герг постигна таков успех. Истовремено Риш се проби и на второ место во генерален пласман во светскиот куп, каде води Американката Линдзи Ван. „Имав многу ибави денови. Денеска го освоив и првиот кристален глобус, што е само по себе нешто посебно, а особено суд радосна бидејќи беше возбудливо до последен момент“ - рече Марија Риш.

Bdt Slalom Weltcup Maria Riesch
Марија РишФотографија: picture-alliance/ dpa
Германскиот претставник во нордиска комбинација Рони Акерман, по обезбедувањето на големиот кристален глобус како најдобар во генерален пласман, се избори и за малиот глобус во дисциплината спринт во скијачко трчање.
Ани Фризингер - најуспешна на сите времиња

31-годишната Ани Фризингер си обезбеди место во историјата на брзо лизгање како најуспешна натпреварувачка на сите времиња. На светското првенство во јапонскиот град Нагано Фризингер освои два златни медала. Со вкупно 11 титули светска првенка, покрај уште 8 сребрени и еден бронзен медал, ја потисна од почесното место досега најуспешната, нејзината сонародничка Гунда Ниман-Штирнеман - таа исто така има 11 титули, но само три втори места.

BdT Japan Deutschland Eisschnellläuferin Anni Friesinger holt ihren 14. WM-Titel
Ани Фризингер несопирливаФотографија: AP

„Во моментов едноставно се’ оди како по конец. Ова е чудесен, перфектен крај на една многу успешна сезона и сега ќе има славење“.

Инаку, во Нагано и Џени Волф ја одбрани титулата светска првенка на 500 метри, женската штафета на Германија и без Фризингер се избори за бронзен медал, а истиот успех на машката штафета беше вистински подвиг, оти е прв медал во машка конкуренција по осум години.
Две победи на Хицер, „глобусот“ за Бјорндален
Канти Мансијск, место во Сибир, вечно ќе и’ остане во најубави спомени на Германката Катрин Хицер, која тука на викендот ги постигна своите први две победи во светскиот куп во биатлон. Андреа Хенкел ја зачува шансата за освојување на светскиот куп во генерален пласман, каде моментно е втора, зад Французинката Бејли. Кај мажите победникот е веќе познат - 34-годишниот Норвежанец Оле Ајнар Бјорндален по петти пат е најдобар, што досега не му успеало никому.
Други спортски вести:
-Германските атлетичари останаа без медал на светското првенство во сала што се одржа во шпанскиот град Валенсија. -Кошаркарот Дирк Новицки, со 34-те кошеви постигнати на средбата Далас Маверик - Њу Џерси Нетс (111 спрема 91) стана најуспешен стрелац на Далас на сите времиња, со вкупно 16 644 поени.

►◄