1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контадор нов лидер на Тур д’Франс

20 јули 2009

Јули на спортски план е под знакот на велосипедската трка Тур д’Франс. Алберто Контадор на најдобар пат да победи на годинашниов Тур. Германците прославија една етапна победа.

https://p.dw.com/p/It6o
Алберто Контадор на Тур д’ФрансФотографија: AP

Учесниците на 96-тото издание на Тур д’Франс имаат уште многу километри до целта, но решението околу победникот е речиси познато - Шпанецот Алберто Контадор од тимот „Астана“ веќе на првата од етапите низ Алпите успеа да направи предност од 1 минута и 37 стотинки во однос на колегата од тимот и најголем конкурент, Американецот Ленс Армстронг. Сега треба да се случи нешто вонредно, за Контадор да не успее да ја зачува оваа предност до крајот. „Пресреќен сум како помина оваа етапа, а и поради предноста што успеав да ја направам. Му се радувам и на првиот ден на одмор во тркава“, изјави Контадор, кој ја декласира конкуренцијата со извонредниот финиш во последните 6-7 километри од ридската етапа долга 207,5 километри.


Армстронг во споредна улога, подвиг на Хауслер


Tour de France: Mark Cavendish
Тур д’ФрансФотографија: AP

Ленс Армстронг, кој не можеше да го издржи темпото наметнато од Контадор, работата ја гледа од позитивната страна - од агол на тимот за кој вози. „Последното што уште може да ни се случи, е да ја загубиме тркава. Возиме кон Париз како тим со жолта маичка. Дома имам седум жолти маички“, потсети Армстронг на своите седум победи на најпознатата светска велосипедска трка, во која годинава, по неговиот камбек во велосипедскиот спорт, многу веројатно нема да биде во главната улога.

Пред викендот Германците можеа да се израдуваат на етапниот успех на својот возач Хајнрих Хауслер. Во, петокот, по дождливо време, тој успеа со победата во 13 етапа да го постигне својот најголем личен успех. „Ова беше навистина посебен момент за мене, оти овде беа мојата девојка, сестра ми и многу други пријатели, и за мене навистина се’ беше перфектно“, рече Хауслер, кој вози за швајцарскиот тим „Червело“.

Автор: Кристијан Франке / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска