1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контакт групата бара решение за Косово до крајот на 2006-та

1 февруари 2006

Контакт групата смета дека треба да се преземат сите можни напори, до крајот на оваа година да се постигне решение за статусот на Косово.

https://p.dw.com/p/Ac9K
Косово
КосовоФотографија: AP

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Контакт групата вчеравечер во Лондон соопштија дека трајното решние на статусот на Косово мора да го унапреди неговиот мултиетнички карактер, што значително би ја зајакнало и регионалната стабилност, како и европската и евро-атлантската перспектива на Србија, Косово и регионот. Во соопштението, Белград и Приштина се повикани да соработуваат за наоѓање реално решение за тешките прашања за кои ќе се разговара. Такви прашања се слободата на движење, транспарентни врски меѓу локалните заедници во Србија и на Косово, механизмите за решавање на проблемот на исчезнатите лица и мерки за заштита на верските заедници и нивните објекти.

За решавање на статусот, според Контакт групата, од клучно значење ќе биде децентрализацијата на управата на Косово.

Изјавата на Контакт групата, вчеравечер, веднаш беше поздравена од претседавачот со ЕУ, Австрија. Министерот за надворешни работи, Урсула Пласник, соопшти дека досега нерешеното прашање за наследник на починатиот косовски претседател, Ибрахим Ругова, не смее да води до политички вакуум во клучен момент. Затоа таа ги повика сите политички сили во покраината што побргу да изберат претседател и да се ангажираат конструктивно во преговорите за статусот.

Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, денеска изјави дека е сериозно загрижен поради бавниот напредок на Косово и одлагањето, па дури и назадувањето во спроведувањето на утврдените стандарди. Во најновиот извештај на Советот за безбедност на ОН за состојбата на Косово од мај до декември 2005, Анан предупреди на зголеменото насилство. Генералниот секретар на светската организација ја поздрави одлуката на Советот за безбедност да покрене процес за утврдување на идниот статус на Косово, но додаде дека има уште многу да се направи на тој план.