1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контрапротестите во Скопје поминаа релативно мирно

Александар Методијев/макфакс/бета12 мај 2012

Група од близу 200 демонстранти, коишто денеска излегоа на контрапротести на вчерашните демонстрации, се обиделе да нападнат снимател и новинарка.

https://p.dw.com/p/14uO3
Фотографија: MIA

Демонстрантите на протестот упатиле вулгарни и навредливи зборови и кон новинарските екипи. Агенцијата Макфакс јавува дека тие покажале голема нетрпеливост кон припадниците на новинарските екипи, одбивајќи да дадат каква и да е изјава. Сепак, агенцијата Бета пренесува изјава од еден од демонстрантите, кој одговара на прашањето зошто дошол на протестот.

„Како што тие се организираа за да ги штитат убијците, така можеме и ние да се организираме, затоа што утре можат да бидат убиени нашите деца или, пак, ние“, вели демонстрантот.

Учесниците на протестите, во кои најголем дел биле малолетни лица, носеле маски, маици, капи или марами на главите и скандирале со дигнати раце со знак на фашистички поздрав. „Чиста Македонија“, „Шиптарска полиција“, „Смрт за Шиптарите“, „Македонско име нема да загине“ - се дел од извиканите пароли на протестот, а демонстрантите ги пееле и песните „Едно име имаме“ и „А, бре Македонче“. И покрај повиците „Соберете се Македонци“, минувачите не им се приклучиле на протестот.

Најголем дел од новинарите солидарно одлучиле да се повлечат од настанот, откако биле попречени да ја извршат својата професионална обврска. Припадниците на полицијата откако забележале дека може да дојде до инцидент меѓу демонстрантите и новинарските екипи, одлучиле да ги повлечат репортерите на извесно растојание од местото каде се одржуваше протестот - пред владата во Скопје.

Proteste in Skopje
По заминувањето на новинарите, заминале и демонстрантитеФотографија: MIA

Учесниците заминале од пред владата веднаш откако тоа го сториле и новинарите. И зад овој протест, како и зад петочниот, како организатор не се јави ниту една организација или здружение, туку беше организиран преку социјалните мрежи.

Вчера по вторпат, по петочната молитва во скопската џамија Јаја паша, неколку илјади лица протестираа пред Основен суд 1 Скопје, пред Владата, седиштето на партијата ДУИ и пред зградата на Општина Чаир, против, според нив, монтираниот процес против осомничените за петкратното убиство кај Смилковското езеро крај Скопје. Протести вчера имаше и во Куманово и Тетово.

Притоа откако беа искршени прозорци на општината Чаир и на зградата на владата, беше повреден еден снимател од телевизијата „Телма“ и според последните информации шест припадници на полицијата.