1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контрапротести пред владата во Скопје

АМ/макфакс12 мај 2012

Група од близу 200 демонстранти, коишто излегоа на контрапротести на вчерашните демонстрации, се обидела да нападне снимател и новинарка, при што упатила вулгарни и навредливи зборови кон новинарските екипи.

https://p.dw.com/p/14uKe
Фотографија: MAKFAX

Демонстрантите покажале голема нетрпеливост кон припадниците на новинарските екипи, одбивајќи да дадат каква и да е изјава, јавува агенцијата Макфакс. Најголем дел од новинарите солидарно одлучиле да се повлечат од настанот, откако биле попречени да ја извршат својата професионална обврска.

Припадниците на полицијата откако забележале дека може да дојде до инцидент меѓу демонстрантите и новинарските екипи, одлучиле да ги повлечат репортерите на извесно растојание од местото каде се одржуваше протестот - пред владата во Скопје.

Учесниците на протестите, во кои најголем дел биле малолетни лица, носеле македонски знамиња и извикувале пароли како „шиптарска полиција“ и ги пееле песните „Едно име имаме“ и „А, бре Македонче“.

И зад овој протест, како и зад петочниот, како организатор не се јави ниту една организација или здружение, туку беше организиран преку социјалните мрежи.

Вчера по вторпат, по петочната молитва во скопската џамија Јаја паша, неколку илјади лица протестираа пред Основен суд 1 Скопје, пред владата, седиштето на партијата ДУИ и пред зградата на Општина Чаир, против, според нив, монтираниот процес против осомничените за петкратното убиство кај Смиљковското езеро крај Скопје.

Притоа, откако беа искршени прозорци на општината Чаир и на зградата на владата, беше повреден еден снимател од телевизијата „Телма“ и според последните информации, шест припадници на полицијата.