1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзниот предлог-буџет влегува во собраниска расправа

Горан Петрески21 ноември 2008

Македонија во 2009. ќе има рекордно висок буџет. Дефицитот ќе изнесува 2,8%. Расправата во парламентот треба да донесе одговор на прашањето - дали при планирањето на буџетот е земена предвид светската финансиска криза?

https://p.dw.com/p/Fz7D
Почнува расправата во парламентотФотографија: picture-alliance/ dpa

Македонија в година ќе го троши најголемиот буџет од осамостојувањето. Планирани се рекордни 2,7 милијарди евра на расходната страна. Предлог буџетот за 2009-та стаса во парламентот. Се очекува долга дебата, со оглед на првичните коментари на опозиционерите. Критиките на опозицијата гласат: вака проектираниот буџет не одговара на економската реалност во земјата, владата се‘ повеќе троши, граѓаните осиромашуваат.

Власта, пак, објаснува: непродуктивните расходи се драстично намалени, ќе се интензивираат проекти од стратешко значење за државата. Во 2009-та, според владината проекција, растот на економијата ќе изнесува 5,5 проценти. Но, оваа стапка, според опозицинерите, е недостижна.

Опозицијата критикува, власта бара да и‘ се верува

Во макро-економските планови за 2009-та не е земена предвид глобалната финансиска криза, чии ефекти врз Македонија допрва се очекуваат. Владата е остро критикувана дека е многу пасивна во однос на мерките за пресретнување на светската криза. Јани Макрадули и Горан Минчев од СДСМ, порачаа:

„Јас ви гарантирам, оваа влада ќе биде тужена од сопствените граѓани, за инертниот, индолентен однос кон светската економска криза, и поради тоа што седи со главата во песок, а кога ќе помине цунамито тие со двојни пасоши ќе си отидат некаде и не ќе знаеме каде да ги најдеме“, рече Макрадули.

Минчев оцени: „Од страна на највисоките владини претставници, слушнавме дека светската економска криза ќе ја заобиколи Македонија. Добро ќе беше да е така, но излезе дека не е!“

Struga Innenstadt, Mazedonien
Најголем дел од буџетот се троши за плати и социјалаФотографија: Petar Stojanovski

Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ е категоричен дека треба да и‘ се верува на владината проценка дека Македонија не е во опасност и нема потреба од преземање вонредни мерки:

„Јас искрено сум задоволен во делот на тоа што целокупните критики на нашите колеги од СДСМ, во поглед на економската политика на владата, се сведуваат на критики за евентуални последици од глобални текови.“

Дефицитот ќе изнесува 2,8%

Дефицитот во буџетот е испланиран на 166 милиони евра или 2,8% во однос на бруто домашниот производ. Македонија, сеуште проектира буџет од година во година, а не долгорочно. Економските стручњаци и бизнисмените сметаат дека за економијата е разорен трендот на постојан раст на буџетот, но уште пострашна, според нив, е структурата на буџетот. Дури две третини од вкупната сума се трошат за плати и социјала, а мал дел за капитални инвестиции. Таквиот распоред на државните пари не пружа шанса за битка против трговскиот дефицит од над две милијарди долари и за борба против невработеноста, која е поголема од 30 проценти.