1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контролирано, а сепак слободно пазарно стопанство

Кристина Бергман14 ноември 2008

Очекувањата од Светскиот финансиски самит во Вашингтон остануваат големи, иако од повеќе страни пристигнуваат предупредувања дека не може да има брзи решенија.

https://p.dw.com/p/FujI
Се залага за слободна пазарна економија: претседателот на заминување Џорџ БушФотографија: AP Photo

Домаќинот на средбата Џорџ Буш вчера во говор во Њујорк порача дека кризата не може да се реши преку ноќ, бидејќи таа не била преку ноќ ни создадена. „Јас се залагам за слободна пазарна економија, но не кога сум соочен со светски колапс на системот“, порача претседателот Буш вчера во Њујорк.

Две пораки спроти самитот

Неговиот говор содржеше две темелни пораки. Од една страна тој се обиде да го одбрани мешањето на американската влада во финансискиот пазар. Од друга страна, меѓутоа, упати јасен сигнал дека слободната пазарна економија ја смета за единствен можен систем. Тој призна дека капитализмот е подложен на кризи и ексцеси, но исто така додаде дека токму тој систем е заслужен за брзиот опоравување на јапонската економија, на пример, по Втората светска војна. „Кога човек сака економски развој, социјална праведност и човечко достоинство, тогаш слободното пазарно стопанство е вистинскиот пат. Би било огромна грешка кога неколкуте кризни месеци би го засениле успехот од изминативе 60 години“ - нагласи Буш.

Deutschland Finanzkrise Börse in Frankfurt Börsenmakler und Kurve
Цикличните кризи му се иманентни на капитализмотФотографија: AP

Колку регулатива е неопходна?

Она што се поставува како отворено прашање е во која мера треба да се регулира сегашнава пазарна економија за да се спречи нов колапс на финансискиот систем. Тука се разликуваат ставовите. За разлика од Буш, францускиот претседател Николас Саркози се залага за темелни реформи. Неговиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер посочи дека тоа ќе претставува многу долг процес, а самитот во Вашингтон треба да биде само почеток.

EU Sondergipfel in Brüssel Nicolas Sarkozy
Се залага за подалекусежни реформи на системот: францускиот претседател Николас СаркозиФотографија: AP

Учесниците на самитот како цел си поставија да ги најдат и јавно да ги посочат причините за актуелната криза, потоа да ја проверат ефикасноста на мерките што веќе се спроведени, да дефинираат што треба да се прави понатаму, како и да ги постават темелните принципи за реформа на финанските пазари - по можност со конкретен временски план.

Буш призна дека кризата тргнала од САД

Што се однесува до причините, американскиот претседател призна дека почетокот на целото зло што го снајде светот било неодговорното одобрување кредити за сопствениците на куќи во САД, како и уште понеодговорната препродажба на истите кредити. Но, од друга страна тој нагласи дека: „Според некои вината за кризата лежи во недоволното регулирање на американскиот пазар на хипотеки. Но, голем број европски земји имаат многу посеопфатна регулатива, а сепак имаат слични проблеми како ние. Досегашната историја покажа дека најголемата закана за стопанскиот пораст е преголемото мешање на власта во слободното пазарно стопанисување, а не премалото!“

Jahresrückblick 2008 International September USA Finanzkrise New York Börse Wall Street Flagge
Хипотеките беа гнилиот елемент во системотФотографија: AP

Неопходна е барем засилена меѓународна координација

Главниот економист на Њујоршкиот совет за односи со странство, Бен Стил, смета дека најмалку што е неопходно, тоа е зголемена меѓународна координација, кога се во прашање големите финансиски установи: „Да земеме како пример едно претпријатие со голем капитал, како што е Дојче банк. Ако тоа се најде во кризна ситуација, тогаш Германија не би можела сама да се справи со кризата на таа приватна банка. Германија би морала во таков случај да ги координира напорите за нејзина санација со нејзините европски партнери, како и со САД. Затоа е неопходен меѓународен надзорен орган, што ќе има доволно информации за тоа што прави Дојче банк и каква е нејзината финансиска ситуација, за да се овозможи координирана акција.“

Кој ќе ги надзира пазарите?

Останува меѓутоа отворено прашањето кому да му се довери таквата надзорна функција. Професорот Питер Мориси од Универзитетот Мериленд смета дека за тоа не е неоходно создавање нова меѓународна институција покрај Меѓународнот монетарен фонд и Светската банка. Според него владите би требало да преземат поголема одговорност.

За сите овие можни мерки треба да се разговара на претстојниот самит во Вашингтон, бидејќи таму на викендов за прв пат ќе седат на иста маса сите релеватни фактори. При тоа мора да се каже дека е проблем тоа што САД, како клучен играч, се наоѓаат во фаза на примопредавање на власта. Новиот претседател Барак Обама додуша ја испраќа поранешната американска министерка за надворешни работи Медлин Олбрајт на првиот светски финансиски самит, но неговото лично отсуство на сите заклучоци им дава карактер на привременост.

Самитот свикан во неповолен миг!?

„Во мигот кога самитот беше свикан светот се наоѓаше во акутна финансиска криза. Сега ситуацијата е барем делумно смирена, светот ја надмина кризата. Во моментов се чини дека самитот и не е толку итен, па некои можат да критикуваат дека мигот бил погрешно избран. Се надевам само дека Буш како претседател на заминување нема да стори ништо непромислено, што подоцна би му ги врзувало рацете на Обама“, појаснува експертот Питер Мориси.