1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контурите на новата влада

8 јули 2011

Мандатарот за состав на новата влада, Никола Груевски, има уште десетина дена до истекот на рокот за објавување на списокот министри. Делови од коалицискиот договор и од кадровските решенија веќе проструија во јавноста.

https://p.dw.com/p/11rHq
Наскоро ќе го објави списокот министри: мандатарот Никола Груевски по победата на изборитеФотографија: dapd

Нов шеф на дипломатијата, најверојатно, ќе биде младиот амбасадор при Европската Унија, Никола Попоски, кој на таа функција дојде како експерт ангажиран од институциите во Брисел. За една година, со метеорска кариера, овој 32-годишен дипломат, кој говори неколку светски јазици, без партиски стаж во ВМРО-ДПМНЕ, ќе треба да се соочи со најприоритетните прашања за евроатланското членство на Македонија, што го вклучува и компромисот со Грција околу името. Нашата дипломатија досега беше водена не од надворешните приоритети, туку од внатрешната политичка потреба, вели за ДВ Денко Малески, екс-министер за надворешни работи во првата експертска влада.

„Се свртивме кон минатото, запоставувајќи ја иднината. Со поставувањето на споменикот на Александар Велики само произведуваме меѓународен проблем и недоразбирања со соседите. Потоа, за да излеземе од тој волшебен круг, ќе мора да се вратиме на политиката од почетокот на независноста во 1991 - 1993 година, како единствен начин за наоѓање на компромисна спогодба со Грција“, коментира Малески.

Mazedonien Wahlen 2011
Засилена позиција на помалиот коалиционен партнер: лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: MIA

Префрлање на одговорноста

Неизвесно е дали Тала Џафери или Бујар Османи од ДУИ ќе го водат секторот за одбрана. И вицепремиерот за евроинтеграции ќе биде од инегративците, најверојатно Теута Арифи, која беше остар јавен критичар на некои постапки и политики на Премеирот Груевски. Со помали шанси за оваа функција е и Ермира Мехмети.

„ДУИ ќе се најде во деликатна ситуација, како при нерешен проблем за името да ги води ресорите кои упатуваат на НАТО и ЕУ. Кога би имало на повидок знак за негово решавање тогаш ВМРО-ДПМНЕ не би ги дало тие два сектори, туку би ги задржало. Во услови на траење на спорот, тогаш ВМРО ќе се растовари од одговорноста, бидејќи ДУИ во иднина ќе ги води евроатланските процеси“, истакнува Исмет Рамадани, политички аналитичар и потпредседател на Атланскиот клуб.

На старата функција министер за полиција можно е да остане Гордана Јанкуловска, откако Горан Трајковски се врати на директорската позиција како прв даночник и го повлече пратеничкиот мандат. Јанкуловска, во последниве постизборни денови е цел на остри граѓански протести поради обидот да се сокрие вистината за убиството на младиот Нешковски, во ноќта кога се славеше победата на изборите.

Mazedonischer Außerminister Antonio Milososki
Нема да биде дел од новиот кабинет: досегашниот министер за надворешни работи, Антонио МилошоскиФотографија: DW

Завршен шлиф

Се’ уште е неизвесен конечниот состав на новиот владин кабинет. Направена е распределбата на ресорите помеѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Нивните лидери Груевски и Ахмети наредниве денови треба да го перфектуираат договорот, постигнат меѓу преговарачките тимови. Предходно партиските врвови, за време на викендот, ќе ги разгледаат конкретните кадровски решенија и договорот за соработка меѓу коалициските партнери.

Веќе десетина денови во јавноста не се појавува Премиерот Груевски, особено откако екс-шефот на дипломатијата Антонио Милошоски ненадејно, наводно под притисок на семејството, се повлече од функциите во извршната власт. Но, преговорите се во финиш, зашто веќе се утврдуваат и кадровските решенија за вторите владини ешалони, заменици министри, државни секретари и директори на јавните установи. Манадатарот има уште десетина денови пред конечниот рок, кога во парламентот треба да ја достави листата со идните министри.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема