1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конференцијата за Сирија - во ноември

ЖА/ртре20 октомври 2013

Мировната конференција за Сирија, според Арапската Лига, треба да се одржи на 23. ноември во Женева. Тоа е договорено во разговорот со специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Лакдар Брахими, соопштено е во Каиро.

https://p.dw.com/p/1A2qc
Фотографија: Reuters

За разлика од изјавата на генералниот секретар на Арапската Лига, Набил Елараби, дадена денеска (20.10.2013) во Каиро, дека мировната конференција за Сирија ќе се одржи на 23. ноември, специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Брахими, тврди дека датумот се‘ уште не е договорен. Самитот во Женева би требало да стави крај на граѓанската војна во Сирија, која трае повеќе од две години. Но, сириската влада одбива потпишување секаков договор кој предвидува оставка на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Меѓу себе раскараните и поделени бунтовнички групи пак, тоа го поставуваат како услов, поради што нивното учество не е сигурно.

„Ќе започнат подготовки за оваа конференција“, најави Елараби по средбата со Брахими. Во четвртокот сириската влада веќе ги најави 23. и 24. ноември како датум за одржување конференција, што САД и Русија го демантираа. Двете држави со месеци се обидуваат да ги седнат на една маса страните во конфликтот во Сирија. Во граѓанската војна, според проценките, досега загинале околу 115 илјади луѓе, а милиони се наоѓаат во бегство.

И на викендов насилството продолжува. Најмалку 31 лице загинале во самоубиствен атентат со камион бомба на контролен пункт во градот Хама во централна Сирија, кој го контролираат владините сили, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права (OSDH) со седиште во Лондон, повикувајќи се на своите активисти на терено,т а информацијата ја потврди и официјалната сириска агенција САНА. Според првичните сознанија, бројот на жртвите може да расте, бидејќи има десетици повредени од кои некои се во критична состојба, а меѓу загинатите мнозинството се цивили.

На почетокот од сирискиот конфликт поттикнат од т.н. Арапска пролет во март 2011. година, градот Хама беше центарот на големи протести во кој сунитите бараа заминување од власта на алевитскиот претседател Башар ал-Асад. По неколку месеци разни преправања на сирискиот устав и законите кои не успеаја да го сопрат бунтот, кон крајот на 2011. година сириската армија воспостави целосна контрола над градот, потиснувајќи ги од него вооружените групации кои беа утврдени во некои квартови. Оттогаш градот релативно беше поштеден од поголеми судири.