1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конференција за безбедносна политика: Каква улога за НАТО во иднина?

12 февруари 2005

Германскиот канцелар Герхард Шредер побара односите меѓу Европа и САД да бидат поставени на нови основи и да се реформира НАТО. Воздржана реакција на Доналд Рамсфелд. Економскиот развој суштински за иднината на Балканот, оцени македонскиот министер за надворешни работи Илинка Митрева. Тоа се акценти од досгашниот денешен тек на конференцијата за безбедносна политика во Минхен.

https://p.dw.com/p/AcHL
Рамсфелд на конференциската говорница денеска во Минхен
Рамсфелд на конференциската говорница денеска во МинхенФотографија: AP/Sicherheitskonferenz

Во целост под знакот на трансатлантското приближување беше говорот на германскиот канцелар Герхард Шредер за Конференцијата, кој поради болест го откажа учеството, па беше прочитан од германскиот министер за одбрана Петер Штрук. Но, канцеларот ја стави под прашање сегашната улога на НАТО: “Принципот останува: блиската трансатлантска врска е од германски, европски и американски интерес. Но, при спроведувањето на тој принцип во практичната политика не може поврзница да биде минатото, како што е толку често случај во трансатлантското колнење на верност. Не, ние мораме да се прилагодиме на новите околности” - категоричен е канцеларот.

Дијалогот меѓу САД и Европа во сегашната форма не соодветствува ни на растечкото значење на Унијата, ниту на барањата на трансатлантската соработка, се вели во неговиот говор. НАТО веќе не е примарно место на кое трансатлантските партнери се консултираат и ги координираат своите стратегиски претстави. Поради тоа канцеларот предложи востановување панел од високи по ранг личности од обете страни на Атлантикот, кој до 2006-та година треба да подготви предлози за неопходната реформа на НАТО. Зашто, не само Америка, туку и Европа воопшто и Германија посебно го сменија сфаќањето за својата меѓународна улога.

“Сметам дека трансатлантското партнерство мора да се прилагоди на таквите промени, а ако чесно погледаме, тоа досега не е целосно направено” – вели Шредер. Со укажување на нараснатата меѓународна соодговорност на Германија, канцеларот повторно искажа аспирации за постојано место во Советот за безбедност на ОН.

Претседателот на опозиционата ЦДУ Ангела Меркел не беше толку експлицитна во однос на потребната реформа на НАТО, но сепак јасно кажа: “Ситуацијата е таква, што можеби НАТО понекогаш веќе не е место за примарни консултации. Но, јас сметам дека НАТО би требало - и може биде примарно место за политички консултации и оти од европски аспект има исто толку многу аргументи дека треба да биде така, колку и од американски”.

Американскиот министер за одбрана Доналд Рамсфелд воздржано реагираше на иницијативата на Шредер. Тој прво сакал да го прочита текстот и да продискутира за него, пред да изгради цврсто мислење, рече Рамсфелд во настапот на Конференцијата. “Јас не мислам дека НАТО денес овде беше погребан. Мислам дека побргу станува збор за спротивното. НАТО и натаму има многу енергија и животна сила и секогаш учествува во решавачките акции. Пред неколку години никој не веруваше дека НАТО ќе игра улога каква што ја има во земји како Косово, Авганистан и Ирак. НАТО беше и останува место за дискусии за трансатлантските односи” – рече Рамсфелд.

Слично се искажа и генералниот секретар на Алијансата Јап де Хо Шефер: “Мислам дека НАТО во последните три-четири години многу посилно се промени, отколку во децените пред тоа. Но, ние се’ уште не сме дојдени до крај. Потребно ни е постојано воено прилагодување”. На крајот Шефер резимира: “Ние побргу би требало да ги реализираме трансатлантските односи, отколку да зборуваме за нив”.

Во дебатата учествуваше и македонскиот минитсер за надворешни работи Илинка Митрева. “Никој не треба да се сомнева дека економскиот развој на Балканот, но и на кој било дел од светот, е најдобра инвестиција за обезбедување глобален мир, безбедност и просперитет” – рече таа. Доколку на глобалниот економски развој се гледа како на безбедносно прашање од витален национален интерес за сите членки на НАТО и на ЕУ, како и на другите развиени земји и меѓународни организации, тогаш сме на вистински пат да ја оствариме нашата визија – истакна Митрева.

Конференцијата продолжува со работа.