1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конјунктурата во Германија во 2008

9 јануари 2008

Според германската влада и истражувачите на пазарот, се смета дека во оваа година и трговијата ќе доживее опаѓање. Сепак, се очекува пораст на прометот во големпродажбата од околу 3 проценти.

https://p.dw.com/p/CkCi
Порше на пат за САД. Колку ќе заминат во извоз во 2008?Фотографија: AP

Германските стоки се барани во светот и така ќе остане и во 2008. Меѓутоа, извозната бранша ќе мора да се задоволи со поскромен извоз. Здружението смета на пораст на прометот меѓу 5 и 6 насто, што е за една третина помалку од 2007. Проблем за извозниците е скапото евро кое ги поскапува нивните производи во просторите со други валути.

Претседателот на здружението Антон Бернер го спомнува и незапирливото растење на цените на енергијата и суровините:„Преку 80 проценти страхуваат од растечките цени: високите цени ја принудуваат секоја петта фирма за натамошни рационализации, секоја трета смета дека е принудена да ги зголеми продажните цени.“

Дали порастот е осамен тркач?

Тоа пак, ја притиска конјунктурата. Откако економските институти веќе ја симнаа прогнозата за растежот во оваа година, и кај фирмите се појави извесна скепса: „Релевантните прашања гласат: Дали порастот е осамен тркач? Дали искрата на растечкиот извоз се префрли и врз домашната економија? Дали се поставени потребните насоки за тоа економските ризици да бидат без тешки последици?.“ Прашања на кои мнозинството фирми од големопродажбата и надворешната трговија одговараат одречно.

Колкави се вистинските штети од финансиската криза во САД?

Пред се финансиската криза во САД и натаму фрла голема сенка. Антон Бернер смета дека досега се обелоденети само 30 проценти од вистински предизвиканите штети: „Според мене, критични месеци ќе бидат април и мај, а критичкото прашање ќе биде колкав е волуменот што ќе треба да го совладаат банките во светот. Дали тоа ќе влијае врз пазарот на кредити, како ќе влијае тоа врз потрошувачката во САД и дали тоа во второто полугодие ќе остави траги во економскиот развој што би можеле да се пренесат и врз германската економија.“

Недостасува образуван кадар

Здружението затоа за оваа година смета на пораст од 1,7 проценти. Се вели дека ќе продолжи порастот, но без полетот од последните две години. Во меѓувреме, ново отворените работни места се почесто не можат да бидат пополнети:„Сведоци сме на драматичен недостиг на образуван кадар, и тоа во подрачјата кои се блиски до индустријата што претставува пречка за натамошниот развој. Имаме се повеќе отворени места, а се помалку конкуренти. Слично е и кај професионалното образование на младите.“

Der Hauptsitz von BASF in Ludwigshafen
Седиштето на BASF во ЛудвигсхафенФотографија: AP

Бернер од политиката бара промени во даночната и социјалната политика. Девет од 10 фирми се согласуваат со тоа барање, но од големата коалиција очекуваат само промени во детали: „Она што верувам е дека притисокот на глобализацијата и притисокот на стопанството врз Германија нема да се намали, туку ќе расте. За да не биде предоцна ќе бидат потребни храброст и сила за натамошни реформи„, оценува Бернер.