1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Копиите не се веќе грев?

12 јуни 2011

Оригиналот и инспирацијата се ценат, копијата не вреди. Каде завршува цитатот, каде започнува духовната кражба, повредата на авторството? Прашања за кои се дискутираше на Фестивалот за дизајн во Берлин.

https://p.dw.com/p/11XZ5
До каде може да се оди со копирањето?Фотографија: Fotolia

Уметникот - гениј, независен и слободен, рамен на боговите, создава уметност како производ на сопствениот дух. Секој потег со сликарската четка - доказ за сопствената творечка надареност. Секоја копија - прекршок против уметничкиот етички кодекс. Ова важеше за западниот свет во 19 и 20 век. Во културите на Блискиот Исток, пак ,друго правило: оној кој сака да стане уметник, мора прво да ги копира славните, што повеќе да се доближи до мајсторот. Мотото гласи: копијата ја потврдува славата на мајсторот.

Меѓу тие два спротиставени пола се создава простор за дебата, која остави печат и на фестивалот за дизајн во Берлин. Таа е особено заострена поради нејзината економска димензија: копиите во форма на пиратски производи според новите проценки достигнуваат до десет проценти од светската трговија, од рачни часовници до електрични автомобили.

Копијата како потврда на оригиналот

Природно, најпогодени се производните дизајнери. Рај за пиратските копии е Кина, земја каде настануваат во најголем број.

Gefälschte Louis Vuitton Tasche
Плагијат на чанта од Луи ВитонФотографија: AP

Арик Чен, куратор на „Бијанг Дизајн вик 2011“ се обиде да го релативира проблемот. Колку е повеќе копиран еден производ, оригиналот е дотолку подрагоцен, смета тој. Крајно, Кина е најголемиот пазар на светот за луксузните производи, како оние на Луи Витон, Диор или Кензо, иако нивните производи се масовно копирани, а оригиналите се поскапи и до 30 проценти отколку во САД или Европа. Логика, која не ја дели германскиот дизајнер, познат во светски рамки, Ерик Шпикерман. Во оној момент кога некој заработува пари со идеите на другите, тоа претставува јасен прекршок против авторското право и со тоа случај за судството, истакнува тој.

Креативност како групен производ

Но, авторското право е релативно нов пронајдок, дури во 18 век започнале првите напори за заштита на духовното творештво. Се копирало отсекогаш, тоа го правеле од уметниците и музичарите до инженерите. А дали во копијата не се крие и делче иновација? Ако велосипедот бил патентиран, напредоците направени врз идејата за него ќе оделе многу побавно.

Размената на идеи е неминовност, како во уметноста, така и во техниката. Но, размената значи многу повеќе од плагијат и фалсификување.

DMY Berlin 2011
Оригиналот-потврден или загрозен од копијата?Фотографија: Ludwig Stender

Холандскиот филозоф Хенк Остерлинг застапува иедеја за креативност која не настанува од поединци, туку од група. Во свет, во кој се‘ е поврзано, мора да се учи еден од друг. Дали тоа значи нужност од промена на поимот за авторско право? Американскиот експерт за медиуми Аврам Синерајх оди уште понатаму: откако преку интернетот речиси се‘ е достапно, отсекаде и насекаде, настанува нешто што тој го нарекува „конфигурирачка култура“, култура која се состои од наново конфигурирање на веќе постојните елементи. Односно, она што во музиката започна ккао семплинг или ремикс, во веб 2,0 станува меш-ап: видеа, игри или дизајн, се‘ може наново да се комбинира според желба. Само пред пет години за многу луѓе, како во САД така и настрана, ова ќе значеше чист плагијат. Но, во меѓувреме сфаќањето се променува, се‘ повеќе луѓе во тоа гледаат парче иновација. Пледоајето на Синрајх гласи: правото на копирање мора да излезе од старите мисловни шаблони за постоењето на оригинал и плагијат.

Автор: Аја Бах/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски