1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Копнеж по жртвен јарец во Грција

Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска13 декември 2012

Во Грција голема бура предизвика веста дека Маргарита Папандреу, мајката на екс-премиерот Јоргос Папандреу, наводно среде кризата ги префрлила парите во Швајцарија.

https://p.dw.com/p/171jH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Појдовна точка на шпекулациите се извештаите на атинскиот дневен весник „То Вима“ и „Прото Тема“, кои тврдат дека 89-годишната Маргарита Папандреу под лажно име депонирала околу 500 милиони долари на швајцарски банкарски сметки. Докази за тоа нема, а двата весници се повикуваат на наводни изјави на водечки финансиски службеници во врска со истрага за даночни затајувања.

Тие наводно соопштиле дека името на Маргарита Папандреу се појавува на т.н. „Лагард-листа“, именувана по поранешната француска министерка за финансии и сегашна шефица на ММФ, Кристин Лагард. Листата содржи имиња и банкарски податоци за грчки граѓани во швајцарската банка, сопственост на ХСБЦ банката и веројатно била дел од доказниот материјал кој француската влада го купила од нејзин соработник.

Листата во 2010 година беше испратена до тогашниот грчки министер за финансии Јоргос Папаконстатину, но под неразјаснети околности исчезна во лавиринтот на грчката бирократија, се‘ додека атинскиот новинар Костас Ваксеванис не ја откри во октомври и објави извадоци од неа во политичкиот магазин „Хот Док“.

ARCHIV Einigung über Bildung einer Übergangsregierung in Griechenland
Јоргос ПапандреуФотографија: picture-alliance/dpa

Само валкана политичка кампања?

Екс премиерот Јоргос Папандреу отфрла секакви обвинувања и во ова гледа само оцрнувачка кампања против него и неговото семејство. Ова не е сосема без основа, јавна тајна е дека Папандреу за време на функцијата стекна многу непријатели меѓу грчките весници.

Освен тоа, некои наводни сведоци негираат свои наводни изјави.

„Никогаш сум немал сознанија за т.н. Лагард-листа“, тврдеше на почетокот на декември даночниот инспектор Никос Лекас, кого во многу весници го ставија на столб на срамот. Тој додава: „Освен тоа, никогаш не сум навел конкретни имиња или навестил нешто во врска со овие настани“.

Зачудувачко „размножување“ на листи

Останува отворено прашањето - кога Грците можат конечно да ги дознаат познатите имиња меѓу даночните затајувачи, кои милијарди евра во екот на кризата префрлија во странство? Владата се обидува да ги смири духовите со ветување дека работи интензивно на даночен договор со Швајцарија. Но, многумина се сомневаат во успехот на преговорите.

Griechenland Journalist Kostas Vaxevanis
Костас ВаксеванисФотографија: picture-alliance/dpa

Онаму каде нема официјални информации, има простор за многу шпекулации. Во меѓувреме, постојат не само една, туку две или три различни листи со осомничени даночни прекршители: листа на особено богати банкарски муштерии, листа на грчки сопственици на недвижности во големите европски метрополи, како и листа од 54246 граѓани кои од почетокот на кризата во странство трансферирале околу 22 милијарди евра.

„Платив мито“

Сите овие листи имаат нешто заедничко: пренесуваат сомненија и многу материјал за гласини, но не и докази. Дали се бара само жртвен јарец? Всушност, докажувањето е задача на даночните власти, но тие не и‘ пристапуваат со одлучност.

Поранешниот професор Диомидас Спирелис веќе не и‘ верува на државата и ја презеде иницијативата самиот-отвори веб страница на која секој граѓанин анонимно може да пријави случаи на даночно затајување и корупција. Веб страницата ја опслужуваат доброволци и веќе има одзив. Една 22-годишна Гркинка исто отвори интернет страница со наслов „Платив мито“. Само за неколку недели се регистрирани стотици корисници на страницата, најголем дел од жрвите сведочи за плаќање поткуп во државните болници, во државните електростопански претпријатија и дури и за полагање возачки испит.