1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корените на насилството во Русија се во Чеченија

6 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AcQC
Во експлозијата предизвикана очигледно од самоубиствен напад во московското метро загинаа 39 лица. Експлозијата се случи во раните утрински часови, а руските тајни служби се сомневаат дека зад нападот стојат чеченските бунтовници.

Војната во Чеченија заврши, сега станува збор за обнова на земјата, за враќање на бегалците кои засолниште најдоа во соседната Ингушија, каде се соочени со недостоинствен живот. Вака зборуваа до пред неколку дена официјалните претставници на руската власт.

Сега сето тоа е ставено под знак на прашање. Веројатно еден чеченски самоубиец-атентатор или атентаторка во московското метро однесе со себе многумина луѓе во смрт. Многумина се и повредени.

Чувство на несигурност и на страв ги преплавува луѓето во рускиот главен град. Тие секојдневно се упатени на метрото. Со него на работа стигнуваат милиони луѓе, кои едноставно немаат друга алтернатива. Улиците на главниот град се безндаежно заглавени, иако се вози на пет или делумно на шест ленти. Во руското метро нема безбедносни контроли. Во најдобар случај неколку милиционери патролираат низ станиците, но тие против терористите не можат многу да сторат.

Оваа констатација, патем речено, важи и за властите во Кремљ. Растечкото насилство треба да се спречи во коренот, а тој се наоѓа токму во Чеченија. Се' додека таму поткупливата и корумпирана руска армија ги силува жените, ги ограбува селата и ги малтретира и тепа оние што ги смета за чеченски борци, се дотогаш ќе нема мир; ниту во Чеченија, ниту во другите делови на Русија. Таканаречените "црни вдовици", што значи чеченски жени кои ги загубиле своите мажи во воените судири, ќе се обидуваат да се одмаздат и од своја страна ќе ги испраќаат во смрт - недолжни Руси. Со тоа е затворена спиралата на насилство. Со борбени изјави какви што рускиот претседател радо користи, проблемот не се решава.

За неколку недели шефот во Кремељ ќе биде потврден на реизбран на должноста. За вистински избори, при тоа и покрај отворените изборни кутии не може ниту да стане збор, и тоа од повеќе причини: потенцијалните соперници беа заплашувани или дури затворани. Во Русија не постои слобода на печатот. Електронските медиуми, исто како и во советските времиња, претставуваат продолжена рака на партијата која е на власт.

Ужасниот, одвратен напад во московското метро би требало да му предочи на шефот во Кремељ дека тој во никој случај не може да ја контролира ситуацијата во земјата и да се погрижи за мир и безбедност. Нападите како денешниов можат и да се повторат..