1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корејскиот Полуостров на работ на војна

20 декември 2010

Јужна Кореја денеска одржа воени маневри во спорната погранична област со Северна Кореја во Жолтото море. Северна Кореја ги смета маневрите за сериозна провокација и на викендот се закани со воени противмерки.

https://p.dw.com/p/QgBC
Оружјето повторно ѕвечка на Корејскиот ПолуостровФотографија: AP

Рано утринава по средно-европско време јужно-корејската армија ги започна спорните маневри на островите во Жолтото море, кои ги заврши за еден час. Населението од четири острови, на кои се одржаа маневрите, беше претходно евакуирано, а армијата утринава ги повика и новинарите и државните службеници кои останале на островот Јеонпјеонг да се повлечат во подземните бункери. Станува збор за островска група, околку која се спорат Северна и Јужна Кореја.

Остри закани

Режимот на Северна Кореја на викендот упати остро предупредување до Јужна Кореја да се откаже од планираните маневри во спорниот регион, бидејќи тоа може да предизвика „вистинска катастрофа“. Владата во Пјонгјанг порача дека противмерките ќе бидат страшни, како што се однесува до интензитетот, така и до нивната се‘опфатност. Тоа ќе биде многу пострашно, отколку нападот врз островот Јонпјонг пред еден месец, кога севернокорејската армија, исто испровоцирана од јужнокорејски воени маневри, истрела неколку стотици проектили, при што животот го загубија четири лица.

Südkorea Insel Yeonpyeong Konflikt mit Nordkorea
Во претходниот напад на отровот Јеонпјеонг од 23 ноември загинаа четири лицаФотографија: AP

Јужнокрејската новинска агенција претходно јави дека армијата на Северна Кореја го засилила присуството во пограничниот појас, а дека во борбена готовност се ставени и повеќе воени авиони, кои претходно се наоѓале во подземни хангари.

Советот за безбедност без резолуција

Со крајно заострената ситуација на Корејскиот Полуостров синоќа се занимаваше и Советот за безбедност. Итната седница беше свикана по барање на Русија, чиј амбасадор Виталиј Чуркин порача:

UN Botschafter Witali Tschurkin Russland
Рускиот амбасадор во Светската организација, Виталиј ЧуркинФотографија: AP

„Сметаме дека Советот за безбедност треба да испрати сигнал на умереност и мора да помогне повторно да се активира дипломатијата. Целта мора да биде сите спорни точки меѓу двете Кореи да се надминат со политички средства.“

Членовите на Советот за безбедност меѓутоа не можеа да најдат заеднички став околу најновото заострување на ситуацијата на Корејскиот Полуостров. Мислењата најмногу беа поделени околу тоа дали треба да се осуди Северна Кореја за артилерискиот напад на островот Јеонпјеонг од пред еден месец, што беше испровоциран од слични маневри на јужно-корејската армија. Додека САД инситираа на осуда, Кина, која како постојана членка на Советот има право на вето, енергично се спротистави.

Автор: ГЧ/АТ/ртр/афп

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема