1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корејците се простија од Ким Јонг Ил

28 декември 2011

Илјадници Севернокорејци го испратија денеска својот починат лидер Ким Јонг Ил. Поворката ја предводеше неговиот син и наследник Ким Џонг Ун.

https://p.dw.com/p/13aaD
Фотографија: AP

Десетици илјади Севернокорејци утрово на улиците на Пјонгјанг го испратија својот покоен лидер Ким Јонг Ил на погребната церемонија која заврши со 21 почесен плотун. Во погребната поворка беа највисоките претставници на армијата и комунистичката партија, а на нејзиното чело беше синот на Ким Џонг Ил и негов наследник Ким Јонг Ун.

Државните медиуми со денови, уште од смртта на неговиот татко на 17 декември, го градат култот кон Јонг Ун, нарекувајќи го „големиот наследник“ и „врховниот лидер“.

Погребната поворка, која почна и заврши во Кумсусан Меморијалната Палата, каде освен телото на Ким Јонг Ил се наоѓаат и посмртните останки на неговиот татко Ким Ил Сунг, мина 42 километри покрај големи групи граѓани кои хистерично плачеа и тагуваа по мртвиот лидер и покрај обилните врнежи од снег и студеното време.

Nordkorea Trauerfeier Beisetzung Kim Jong Il
Ким Џонг Ун на чело на поворкатаФотографија: AP

„Гледајќи го овој снег како паѓа ме потсетува на напорите на нашиот генерал и се расплакувам“, изјави една припадничка на армијата за севернојкорејската телевизија.

Еден од митовите за Ким Јонг Ил кој беше внимателно граден за време на неговото владеење беше и дека тој може да ги контролира временски услови, па државните медиуми за време на погребот постојано потенцираа дека не е случајно што токму денеска врне снег!

Ким Џонг Ун нов лидер

Според аналитичарите, деталите од погребот кои беа забележливи за време на преносот јасно укажуваат дека нема дилеми оти Ким Јонг Ун, кој нема ни полни 30 години, ќе успее целосно да ја преземе власта во земјата, иако се претпоставува дека во првите месеци или години ќе му помага неговиот тетин, сопруг на сестрата на Ким Јонг Ил. Иако Ким Јонг Ун има уште двајца браќа кои се постари од него, тие не беа прикажани за време на погребот.

Nordkorea Trauerfeier Beisetzung Kim Jong Il
Фотографија: AP

Дванаесетдневната жалост во земјата официјално ќе биде завршена утре со национален помен и троминутен молк точно напладне.

Ким Јонг Ил владееше со сиромашната, но нуклеарно вооружена, земја од 1994 земја по смртта на неговиот татко и основач на комунистичката држава Ким Ил Сунг.

Северна Кореја е зависна од помошта во храна и лекови од соседна Кина. Западните земји со години вршат притисок врз раководството на земјата да се откаже од својата нуклеарна програма, но досега безуспешно.

Автор: БГ/ СН/афп/ројтерс

Редактор: Борис Георгиевски