1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Корпа“ за екстремистите во сириската опозиција

ЖА/дв/дпа/ртре21 април 2013

Западот има големи задршки кон милициите и фракциите во рамките на сирискиот отпор. Умерените сили ги осудија „сите форми на екстремизам“. За возврат, може да сметаат на поголема поддршка и помош од Запад.

https://p.dw.com/p/18KDl
Фотографија: Reuters

Во иднина, пратките помош до сириското опозициско движење треба да одат и да се канализираат преку највисоката воена команда на Сириската национална коалиција, за да се спречи „да стигнат во погрешни раце“. Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери во Истанбул изрази задоволство од договорот постигнат во разговорите со умерената опозиција и нејзините странски поддржувачи. Претходно умерените сили собрани во Сириската национална коалиција се оградија од екстремистите во редовите на бунтовничките борци. На средбата на најважните држави од групата „Пријатели на Сирија“ во Турција, Националната коалција синоќа се обврза и на целта - создавање демократска и плуралистичка држава.

„Признаваме дека во Сирија постојат радикални екстремистички елементи, кои следат своја сопствена агенда. Ние одбиваме секаква форма на тероризам и екстремистичка идеологија и менталитет“, соопшти опозицијата, исполнувајќи го барањето на шефовите на дипломатиите на групата земји „Пријатели на Сирија“.

Групата „Пријатели на Сирија“, во која покрај САД, се наоѓаат и европски и арапски земји, го поздрави соопштението на сириската опозиција. Главна цел за решавање на сирискиот конфликт остануваат преговорите и политичкото решение.

„Според нас, веќе е доста. Овој масакр мора да престане“, изјави турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу. За Башар ал-Асад веќе нема место во Сирија, оној кој има крв на рацете, мора да замине, стои во заедничкото соопштение.

САД ќе ја удвојат помошта

САД вчера направија нов чекор во својата поддршка за сириските бунтовници, објавувајќи во Истанбул дека двојно ја зголемуваат својата директна помош и испораките на дефанзивна воена опрема, иако не и на оружје на кое настојчиво апелира опозицијата. На крајот од средбата, што траеше повеќе ое шест часа, на групата 11 земји пријатели на Сирија, државниот секретар на САД Џон Кери соопшти дека Вашингтон ќе даде дополнителни 123 милиони долари. Со нив помошта за опозицијата против претседателот Башар ал-Асад двојно ќе се зголеми, достигнувајќи речиси 250 милиони долари.

Türkei Gruppe Friends of Syria
Ахмет Давутоглу и Џон Кери во ИстанбулФотографија: picture-alliance/dpa

Залогот во Сирија не може да биде појасен: хемиско оружје, убивање луѓе со балистички ракети и друго оружје со огромна разурнувачка сила, можност целата земја да биде разделена на енклави, потенцијал за религиозно насилство. Моментот е критичен, објасни Кери по средбата.

„Конфликтот веќе излезе надвор од границите на Сирија и им се заканува на соседните земји. Крвопролевањето треба да запре. Тоа и не собра тука, за да зборуваме за можностите за мир и преод“, изјави државниот секретар.

Кери не откри детали за карактерот на новата опрема, што ќе и‘ биде дадена на сириската опозиција, но подвлече дека таа ќе ги надмине досегашните испораки во храна и комплети за медицинска помош и ќе вклучува и други видови опрема, која не содржи оружје.

Türkei Gruppe Friends of Syria
Германскиот министер за надворешни работи Гидо ВестервелеФотографија: Reuters

Пред средбата американските медиуми соопштија дека помошта може да вклучува блиндирани транспортери, очила за ноќно гледање (визири) и усовршена комуникациска техника.

Германија не го менува ставот

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле и натаму стриктно одбива лиферување германско оружје за сириската опоаиција. Германската влада стравува дека оружјето може да стигне во погрешни раце, Актуелното ембарго на ЕУ за оружје за Сирија истекува на крајот на мај. Велика Британија и Франција притискаат за негово укинување.