1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата е генерален проблем

17 јуни 2009

Перењето пари, борбата против измама и корумпираното новинарство се’ уште се на списокот на институциите кои се борат против корупцијата. Во Охрид се одржа годишна регионална конференција на Транспаренси интернешенал.

https://p.dw.com/p/ICCC
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Југоисточна Европа се’ уште е регион во кој активностите за перење пари можат многу лесно да се спроведат. Македонија, иако според статистиката на Транспаренси интернешенал сега е на 72 место, треба уште многу да работи во сферата на перењето пари и вкупната борба против корупцијата. Сепак сосотојбите во судството не се довдедени на потребното ниво. Иако во 2008 во Македонија биле донесени 27 судски пресуди за случаи на корупција на високо ниво со кои биле санкционирани над 100 лица.

Карактеристични се случаите со трансфер на пари

Слаѓана Тасева претседател на Транспарентност Нулта Корупција во Македонија наброи само некои покарактеристични примери во изминативе години: „Начинот со којшто беа трансферирани парите со кои се купуваа акциите од ’ЕМО-Охрид’. Имаше еден таков случај во банките во Република Македонија. Случајот Бачило каде што имаше редица трансакции коишто укажуваа на перење пари, но постојат и многу други случаи кои што се во постапка.“

Korruption, Bestechung
Фотографија: AP

Карактеристични се проблемите со трансфер на пари во Австрија, Швајцарија, Кипар и дел од егзотичните острови. Дел од парите одат во соседните држави во мешовитите фирма човек. Но најлошо е, заклучува Тасева што испраните пари пак се враќаат во Македонија и се тргува со нив. „Кога ќе ги провериме на веб-страницата на Народната банка на Македонија инвеститорите во Македонија можеме да најдеме голем дел од тие дестинации. Тоа укажува на можноста дека парите што се изнесени од Македонија, како резултат на затајување на данок или како резултат на корупција или криминалните пари, ни се враќаат назад како странски инвестиции. Тоа е проблем што треба дополнително да размислуваме, како да го решиме.“

Измамата е чест вид корупција

Околу 200 претставници од 45 земји од Европа и Централна Азија во Охрид разменија искуства и за бробата притив измамата.

Mazedonische Zeitungen am Kiosk in Skopje
Фотографија: AP

И овој вид корупција е чест. Плодна почва наоѓа во отвореноста на светските фондови за развој при што милионските суми кои ги вртат се предизвик и за оние кои ги посакуваат и оние кои ги делат, дециден е Волфганг Хецер, советник за борба против корупција во Европската канцеларија за измама ОЛАФ. „Фантазијата на луѓето може да биде безгранична, некогаш можат да се искористат невистинити или фалсификувани документи. Некогаш може да се прикаже дека се целосно исполнети претходните услови кои биле неопходни за да се добие грантот, а да не е така. Новите земји членки во Унијата не воведоа ништо ново во начинот на кој што се прават овие измами. Корупцијата не е проблем само на новите членки. Корупцијата е генерален проблем. Овие држави не го измислија тркалото, тие само ги користат истите методи кои ги користеле старите членки на Унијата. Постојат примери кога измамата ја прават оние кои бараат помош, а има случаи кога во измама со намера или без неа се вклучени и институциите донатори,“ заклучува Хецер.

Новинарите играат клучна улога во бробата против корупцијата

Без независни новинари нема ефикасна борба против корупцијата рече Миклош Маршал претседател на регионалната Траснпарентност. Ова го потврди и Сергеј Муравјов првиот човек на Транспарентност од Литванија: „Анкетата за корупцијата во медиумите во Литванија покажа дека 92 проценти од сите бизнисмени се плашат дека медиумите се моќни и дека новинарите можат секој миг да ги уништат. Тоа доведува до појавата бизнисменот да дојде и отворено да праша колку пари сакате само да престанете со пишувањето против мене.“

500-Euro-Schein, Symbolbild Bestechung, Schmiergeld, Korruption
Фотографија: picture-alliance/dpa

Врз новинарите притискаат уредниците, а преку нив политичарите и бизнисмените. Дали познанството со премиерот на пример е корупција? Новинарката Симона Хабич од Словенија, вели: „Ако премиерот ми е пријател и ако јас намерно пишувам се’ позитивно за него, тоа е корупција. Ако и јас и тој имаме корист од тоа. “

Со земањето подароци, вечери, мобилни и слично, па дури и едно кафе испиено со политичар или бизнисмен, новинарот може да добие квалификација дека е корумпран, смета Роберт Шуми од Словенија: „Кафето не значи корупција, ама и тоа може да биде корупција. Важно е зошто заедно пиеле кафе. Ако е само деловно кафе тогаш во ред. Но ако тој разговор и кафе повлијаат врз идната работа на новинарот, тогаш тоа е корупција.“

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Александра Трајковска