1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупција во системот за нега во Германија

Џенифер Фрачек/Марта Таневска30 септември 2013

Бројот на тие на кои им треба нега, во Германија, сѐ повеќе расте. Бидејќи се работи за голема заработувачка, сѐ повеќе приватни фирми се обидуваат да придобијат клиенти. Пазарот во меѓувреме е преполн со „црни овци“.

https://p.dw.com/p/19QKN
Фотографија: Fotolia/Kzenon

Демографските промени во Германија со себе донесоа и масивни промени во системот за нега на стари, немоќни и болни. А во иднина бројката на лица на кои им е потребна помош би можела само да расте. Сојузниот завод за статистика наведува дека бројката во 2003 година била околу 3 милиони лица. Со оглед на тоа дека се работи за голем извор на заработувачка, веќе отсега во Германија се забележува тенденција за пораст и развој на посебен пазар на кои „црните овци“ веќе не се ретки.

Лажни сметки, недостиг од стручен персонал

Според резултатите од истражувањето кое го спроведе Транспаренси Интернешенл, германскиот систем за нега на стари, немоќни и болни лица, засега на „црните овци“ им остава доволно простор како и корупција во разни облици. Недостиг од персонал, лажни сметки во банка како и крадење пари наменети за нега, не се ретки.

„Опасноста од откривање на овие измами е многу мала. Фирмите кои нудат нега како и домовите за сместување на лицата на кои им е потребна нега подлежат на контрола, но тоа не е доволно. Фирмите за социјална помош кои најмногу ги финансираат овие установи, немаат доволно капацитет за детално да ги анализираат извештаите или да ги проверуваат сметките кои им ги праќаат установите“, вели Барбара Штолтерфорт, социолог и една од соработниците во истражувањето.

На тоа мора да се додаде и појавата дека, ако работниците во домовите за нега забележат корупција или едноставно лоши услови за живот на лицата во овие установи, најчесто молчат поради страв од отказ. Штолтерфорт се потсетува на еден случај кога една од негувателките на стари лица изнесе во јавност дека во домот во кој работи нема доволно персонал и поради тоа болните и старите не добиваат доволна нега. Непосредно потоа, работодавачот и даде отказ. Случајот заврши на суд, а Европскиот суд на правдата на крајот пресуди во нејзина корист. „Тие работници би требало да бидат подобро заштитени“, вели Штолтефорт.

Pflegeheim für Übergewichtige
Недостиг од персонал, лажни сметки во банка како и крадење пари наменети за нега се чести случаиФотографија: picture-alliance/dpa

Систем на оценување на негувателските услуги

Ситуацијата каква што е сега, би требало да се смени со воведување на еден систем кој неодамна е изработен од соработници за осигурување на негувателската нега и управителите на домовите за лица на кои им е потребна нега. Се работи за систем на оценување на домовите и нивните услуги, еден вид на „технички преглед“. Целта би била подобра информираност. Сите тие на кои им е потреба нега и услуги од вакви установи (без разлика дали тие се немоќни и болни или членови од нивната фамилија), можат да дојдат до веродостојни информации, дали некој дом е лош или добар.

Но, првата верзија на системот веќе доби масовни критики. Лошите оцени за медицинската нега би можеле да бидат „изедначени“ со добрите оцени на услугата, кои за клиентите, односно пациентите не се важни. Новиот систем на оценување сѐ уште се изработува и треба наскоро да биде објавен. Тој на корисниците треба да им овозможи брз и едноставен преглед и одговори на прашања поврзани со квалитетот.

Pflegeheim für Übergewichtige
Работниците и да знаат нешто, најчесто молчат поради страв од отказ.Фотографија: picture-alliance/dpa

Рани од лежење и врзување на пациентите

Меѓутоа, според мислењето на претседателот на Германската фондација за заштита на пациентите, Јуџин Брајш, тоа нема да биде доволно. Тој бара поголем квалитет на негата со уште поедноставен систем на информирање од најавениот. Но домовите, засега го спречуваат вистинското информирање. Нему му се добро познати лошите услови во домовите во кои живеат пациентите.

„Во установите за нега во Германија според информациите на медицинските служби од здравственото осигурување, постојат околу 140.000 случаи во кои на пациентите им се одзема слободата. Тоа започнува со огради на креветите, а завршува со фиксирање (врзување) на пациентите“, наведува Брајш. Тој исто така вели дека при врзувањето доаѓа до повреди на пациентите и дека добиваат многу често лекови за смирување. „Во Германија во домовите за нега има сѐ повеќе луѓе кои страдаат поради одземањето на слободата - дури и почесто отколку во затворите. Но, надзорот во затворите е подобар отколку во домовите“, вели тој.

Повеќе персонал

Директорот на Сојузот на приватни фирми за социјални услуги, Херберт Мауел, меѓутоа, решението не го гледа во воведување на посилна контрола и надзор. „Во меѓувреме постојат повеќе од стотина различни организации за контрола во домовите како и во амбулантните установи. Секоја нова установа се контролира барем еднаш годишно, а доколку постои сомневање за неправилности, тие доаѓаат веднаш и без најава. Истото важи и за установите кои пружаат медицински услуги. Нас не ни е потребна поголема контрола, туку повеќе персонал“, заклучува Мауел.

Eugen Brysch, Vorsitzender Deutsche Stiftung Patientenschutz
Јуџин Брајш е запознат со лошите услови за живот во домовитеФотографија: Deutsche Stiftung Patientenschutz