1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово бара помош од САД во преговорите со Србија

БГ/макфакс27 февруари 2013

Косовскиот премиер Хашим Тачи побарал поголем ангажман од Вашингтон во преговорите со Србија, кои во моментов се одвиваат под покровителство на ЕУ.

https://p.dw.com/p/17mjf
Фотографија: Christos Dogas/ European Commission

Косовскиот премиер Хашим Тачи ги повика САД да се вклучат во разговорите меѓу Белград и Приштина, кои сега се одвиваат под покровителство на Европската унија со цел да се нормализираат односите меѓу Србија и нејзината поранешна покраина Косово и Метохија, којашто со поддршка од Вашингтон и повеќето влијателни земји од ЕУ во 2008 година еднострано прогласи независност.

„Ве молам за разбирање и поддршка“, се наведува во соопштението што премиерот Хашим Тачи го објави во средата во Приштина, по телефонскиот разговор од вторникот навечер со заменикот на американскиот државен секретар Вилијам Барнс. Овој повик на Тачи доаѓа пред почетокот на новиот круг преговори меѓу Тачи и српскиот премиер Ивица Дачиќ, кој е предвиден да се одржи следниот понеделник во Брисел. Тие треба да ги продолжат преговорите за спорното прашање на административната организираност на северот од Косово каде што Србите се во мнозинство и одбиваат да ја признаат надлежноста на институциите на владата во Приштина.

Ова од ланскиот октомври ќе биде шести состанок во Брисел на двајцата челници кој се одржува под покровителство на високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон.

Европската унија бара конкретни резултати доколку, Србија и Косово сакаат да и’ се приближат на Унијата. Србија се надева дека ќе добие датум за почеток на пристапните преговори во текот на самитот на ЕУ во јуни, којашто од март 2012 година има кандидатски статус, а Косово се надева на почеток на разговори за Договор за стабилизација и придружување.