1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово една година по независноста

Филип Славковиќ16 февруари 2009

Косово ја слави првата годишнина од прогласувањето независност. Како оди неговата обнова и создавањето правна држава?

https://p.dw.com/p/GvCU
Како Косово да стане модерна држава?Фотографија: Filip Slavkovic

Ветерот ги растерува облаците над косовското небо и сонцето успева да ги стопли инаку студените февруарски денови. Пред главниот штаб на косовската армија во јужното предградие на Приштина се виори знамето на најмладата европска држава. Нему не му пречи фактот што Косовските безбедносни сили не се официјално армија. А ни на државата не и’ пречи тоа што една година по прогласувањето независност је признаа само 55 земји. Ниту пак и’ пречи фактот што и десет години по Косовската војна, во која учествуваше НАТО, Србија и понатаму го смета Косово за сопствена покраина.

„За време на војната бев во затвор во Србија, како политички дисидент, како таканаречен сепаратист. Бев во разни затвори во периодот меѓу 1997 и 2001, а и претходно исто така од 1981 до 1987“ - раскажува Енвер Дуголи. Се чини дека годините минати во српски затвор не оставиле тешки траги, тој раскажува тукуречи весело. Денес 45 годишниот Енвер Дуголи е мајор на Косовските безбедносни сили, носи стара униформа на НАТО, подарок од САД. И Германија го поддржува создавањето на косовските сили - со стари возила на Бундесверот. Новите безбедносни сили дојдоа на место на стариот Косовски заштитен корупс, кој пак беше еден вид мерка за ресоцијализација на герилците на УЧК. И овие, новите безбедносни сили, за почеток имаат повеќе цивилни, отколку воени задачи: „Прецизни задачи уште не се утврдени. Ние не сме ниту војска, ниту полиција, туку нешто помеѓу. Така е во моментов, бидејќи се тука уште војниците на КФОР. Ќе видиме што ќе донесе иднината“ - заклучува Дуголи.

КФОР ја има командата над безбедносните сили

За обуката на косовските безбедносни сили се задолжени неколку стотини експерти на НАТО, а врховната команда над нив ја има КФОР. За почеток косовските безбедносни сили бројат 1.500 војници, а подоцна треба да станат 3.300. Дека од нив подоцна може да стане вистинска армија, тоа не е исклучено, вели Емилио Гај, генерал-полковник на италијанската армија и главен комендант на КФОР. „На почетокот на февруари почнавме со нивната обука. Фокусот го ставаме на расчистување на мини, гасење пожари, значи цивилни мерки, а не борбени дејства.“

Kosovo Bildgalerie 14
Призрен фасцинира со старите тесни уличкиФотографија: Filip Slavkovic

Гај додава дека косовските безбедносни сили треба да ги усвојат и стандардите на НАТО, но притоа мисли на организацијата и комуникацијата. Зошто не ги вежбаат и борбените дејства по теркот на НАТО? Затоа што Косово уште не го признале сите членки на Алијансата, појаснува Емилио Гај и додава: „Со прогласувањето на независноста на Косово не се смени нашиот мандат. КФОР е на пример и понатаму задолжен за заштитата на религиозните објекти, иако планираме на подолг рок одговорноста за нив да и’ ја предадеме на косовската полиција. Што се однесува до безбедносните проблеми, нив денес ги нема, освен во Митровица на северот, каде се’ уште има одделни инциденти кои немаат влијание врз вкупната ситуација на Косово.“

Рана на северот на Косово

Митровица е поделен град на северот на Косово, каде во јужниот дел живее мнозинско албанско, а во северниот дел мнозинско српско население. По прогласувањето на независноста овде почесто се случуваат тепачки и престрелки меѓу албанското и српското население. Но, во меѓувреме ситуацијата е поопуштена, тврди полицаецот од албанска националност, Нусрет Хасани: „Има комуникација. Нема проблеми ни за Албанците, ниту пак за Србите да патуваат во другиот дел од градот. Успеавме да обезбедиме слободно движење на обете етнички групи во обата дела од градот.“

Kosovo UN-Polizist kontrolliert, Unabhängigkeit von Serbien
Митровица и натаму е проблемФотографија: AP

Хасани веќе пет години работи како полицаец во јужниот дел од Митровица. Нему и на другите полицајци во поделениот град им помагаат и странските колеги од европската мисија ЕУЛЕКС. Околу 2.000 соработници на новата мисија се веќе на Косово. Тие се обидуваат да ги советуваат косовските колеги од полицијата и царината, а кога локалните власти не можат да излезат на крај со некој проблем, тогаш колегите од ЕУЛЕКС ја преземаат обврската во свои раце, објаснува портпаролот на европската мисија, Виктор Ројтер: „Проблемите се сосема јасно на полето на организираниот криминал и корупцијата. Полицајците, судиите и јавните обвинители на ЕУЛЕКС се секогаш тука да ја преземат обврската, кога косовските колеги не се во состојба да ја извршат.“

Слично е и со царинската контрола на границата меѓу Косово и Србија, каде тие контролираат заедно. Она што пак не им поаѓа од рака, тоа е да го контролираат силниот шверц што цути на северот од Косово, каде српската држава веќе нема надлежност, а косовската влада и ЕУЛЕКС не се во состојба да ја воспостават.