1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Косово и натаму е само делумно суверена земја“

Тагесшпигел/ТАЦ/ФАЦ/ Зоран Јордановски 18 февруари 2013

Прославата на петгодишнината од независноста на Косово и првиот круг на изборите во Кипар се теми застапени во германскиот печат денеска (понеделник, 18. февруари 2013).

https://p.dw.com/p/17gOu
Фотографија: Reuters

Весникот „Тагесшпигел“ нуди една ваква слика на косовската реалност на денот на кој беа славени петте години независност:

„Во Приштина во неделата се моткаа деца со косовски, албански, американски и знамиња на ЕУ. Многуте знамиња добро ја отсликуват состојбата на Косово 14 години по крајот на војната и повлекувањето на српските безбедносни сили. Косово и натаму е само делумно суверена земја, која го бара својот идентитет и многу е зависна од меѓународните поддржувачи“.

Во изминатите години беа изградени органи на власта, „но управата и натаму е слаба и честопати не е во функција на граѓаните, туку на партиите и на блиските со нив стопански претприемачи. Мултинационалниот карактер на државата, кој е утврден во уставот, и натаму се поткопува со етнички мотивирано насилство. Лакмусов тест за државата Косово е и останува, дали ќе успее да го интегрира северот претежно населен со Срби - само тогаш би биле јасно дефинирани границите на Косово“.

„Но, и надворешно-политички станува збор за ’недовршена‘ држава“ - се вели во написот, со укажување дека 97 од вкупно 193 земји членки на ОН го признаа Косово, но тоа не е член на светската организација поради ветото од Кина и Русија, како и дека и пет земји на ЕУ исто така не го признаа Косово „од страв од сецесионистички стремежи на сопствените малцинства“.

„Внатрешно-политички Косово и натаму страда од големи демократско-политички дефицити. Земјата е далеку од правна држава според германски критериуми. И обработката на военото минато е на самиот почеток. Диференциран став досега беше спречуван од меродавните сили во Косово“, констатира „Тагесшпигел“.

„Кипар свртува в десно“

За германските весници речиси и нема дилеми дека победникот на првиот круг на претседателските избори во Кипар, Никос Анастасиадес, ќе биде и иден шеф на таа држава.

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „ТАЦ“, коментирајќи го исходот на првиот круг, истакнува дека Анастасиадес го сметаат за „пријател на Ангела Меркел“ и потсетува дека германскиот канцелар во јануари беше во Лимасол за да му даде поддршка во предизборната кампања. „Анастасиадес вети дека бргу ќе го ослободи патот за евро-кредит за спас, кој му е итно неопходен на Кипар“.

Во врска со прекорите - особено од Германија - дека Кипар е „рај за перење на пари за руски олигарси“, се наведува дека медитеранската земја деновите го одби барањето на министрите за финансии на земјите на ЕУ за ангажирање независен приватен институт кој би се позанимавал со тие прекори.

„Кипар е во длабока рецесија“, редици продавници се затворени, трговските центри се „речиси празни. Кипар, кој со децении практично не познаваше недостиг од работни места, во моментов има стапка на невработенпст од 15 проценти, со тенденција на покачување“, вели „ТАЦ“. Во услови на стопанска и финансиска криза поделеноста на островот била во втор план во предизборната кампања, а за Анастасиадес се вели дека е „подготвен за компромис. Тој се стреми кон основање бизонална сојузна држава и притоа, за разлика од претходникот Христофијас, не опстојува врз некоја посебно силна централна држава“. 

„Тагесшпигел“ нагласува: „Како нов шеф на државата Анастасиадес ќе се најде пред дилема: од една страна мора да ги побие прекорите за перење пари, да го поддржи предимензионираниот банкарски сектор и да воспостави поголема транспарентност, за да добие кредити од ЕУ, но од друга не смее да го загрози деловниот модел на држава со ниски даноци, во која има 300 илјади регистрирани фирми, при само 850 илјади жители“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) потсетува: „Да не му одобреше Русија кон крајот на 2011 година кредит од преку 2,5 милијарди евра, Кипар уште тогаш ќе беше инсолвентен. Широкоградоста на Москва честопати се објаснува со тоа, дека во кипарските банки има многу руски пари. Слом на кипарскиот банкарски систем би го загрозил тој капитал со сомнително потекло.

Но, за интересирањето на Москва за Кипар има можеби и две други причини“, вели „ФАЦ“ и се повикува на анализи од турски политички списанија. „За една зајакната велесила како Русија, се вели таму, е консеквентно да се грижи за нови можности за стационирање за руската воена морнарица (поради неизвесноста за иднината на базата во сирискиот град Тартус, н.з.), како и за удел во експлоатацијата на кипарските природни резерви на гас, а веројатно и на нафта“.