1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Како до пензиите од Србија?

Рефки Алија/ Симе Недевски18 март 2013

Косовски претставници бараат во рамките на спогодбата за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина да биде решено и прашањето за пензиите. Ова и една пресуда од Стразбур, будат надеж кај пензионерите на Косово.

https://p.dw.com/p/17zYT
Фотографија: DW/R. Alija

По пресудата на Европскиот суд на правдата во Стразбур, со која на Србија и е наложено на брачниот пар Грудиќ од Митровица, по 13 години да им исплати пензии, им даде надеж на илјадници косовски пензионери дека ќе ги добијат своите пари. Затоа во Здружението на пензионери на Косово веќе еден месец не запираат турканиците и предавањето на документи кои ќе бидат испратени во Стразбур.

Мифтар Раманај, од околината на Призрен, е еден од околу 3.500 пензионери кои ги поднеле бараните документи во поседните месеци во седиштето на Здружението на пензионери во овој втор по големина град во Косово. На времето, вели, работел во Крагуевац, градел тунели во Црна Гора, а од март 1999 година му е укината пензијата која дотогаш стигнувала од Белград.
„Работев 40 години. Заработив пензија која на мене и на десетици илјади луѓе, не само Албанци, им е укината веќе 13 години од страна на Србија. Ги предадов документите, иако се сомневам дека ќе ја добијам додека сум жив. Сиромаштијата не убива затоа што добивам 60 евра пензија од Владата на Косово што е, всушност, социјална помош“, кажува Раманај.

Предале документи и во Приштина и во Белград

Авди Кајтази од Приштина вели: „Мојата сопруга добиваше три години пензија додека Србите беа тука. Потоа, тоа право и беше укинато. Ако ова навистина се праќа во Европскиот суд на правдата, верувам во позитивен резултат. Секој ден луѓето умираат, а Србија ни го зема пензионерскиот фонд кога се повлече од Косово.“

Saip Ljaljosi
Шаип Љаљоши од Здружението на пензионери и инвалиди на ПризренФотографија: DW/R. Alija

Бидејќи во меѓувреме и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Србија објави дека собира барања за исплаќање на пензиите, многумина, како Мирсад Тафиловиќ од Призрен, апликациите ги предале и во Белград. „Не му верувам повеќе никому. Затоа документите ги предадов и во косовскиот синдикат и во Пензиско- инвалидското осигурување на Србија во Белград.“

Конфузија околу документите

Шаип Витија, претседател на Здружението на пензионери и инвалиди на Приштина, признава дека се создала голема конфузија околу собирањето на документи. Со уплатувањето на две до осум евра се собрани многу пари, бидејќи околу 20.000 пензионери веќе доставиле документи во цело Косово: „Владата формираше комисија од експерти кои ќе ни подготват што треба да обезбедиме и со кого треба да разговараме во врска со пензиите кои не сме ги примиле досега, а треба да ги добиеме од Србија. Решивме да ја почекаме таа одлука на комисијата и потоа да разговарме по нејзина основа“, кажува Витија.

Шаип Љаљоши, негов колега од Призрен кој ја иницирал целата  акција, вели оти работата ќе ја истуркаат до крај: „Сега ќе имаме помош и од страна на државата. Пред некој ден во Собранието на Косово е гласано за нашите трошоци во Стразбур. Ќе формираме во рамките на Владата и друга група на правници кои ќе работат и ќе бидат во постојан контакт со Косово и со Стразбур.“

Проблемот со пензиите да се реши во дијалог со Белград

Од друга страна, Ненад Рашиќ, министер за труд и социјална политика во Владата на Косово не е оптимист. Тој на сето тоа гледа како на политички маневар на Србија, а во техички смисол губиток на сила и време, но и на пари за да стигнат нивните апликации во Стразбур или до Пензиско инвалидскиот фонд на Србија: „Пензионерите, кои до сега поднесувале апликации не треба повеќе да го прават тоа, поради тоа што мислам дека тоа не е начин за да се регулира што било. Само можеби ќе бидат повеќе разочарани затоа што немаат собрано доволно документација за тие органи, без разлика дали за белградските или за стразбуршките. Тоа би ги обесхрабрило пензионерите, не би донело никакво подобрување, само би направило уште поголема конфузија која е и онака на високо ниво.“

Nenad Rashiq Minister für Arbeit und soziale Angelegenheiten
Ненад Рашиќ, министер за труд и социјална политика на КосовоФотографија: DW/A.Beqiraj

Поради сето тоа, министерот Рашиќ, кој тврди дека е апсолутно на страната на пензионерите и оти сака проблемот трајно и квалитетно да се реши, смета дека тоа прашање треба да се наметне како една од точките во разговорот во Брисел помеѓу косовската и српската страна: „И кога ќе се воспостави контакт меѓу Министерставата за труд на Косово и Србија, со таа размена на податоци ќе може точно да се утврди кој примал пензија, кој и понатаму прима, а кој не. Врз основа на тоа можеме, речиси за секој пензионер, да имаме точни податоци дали ги исполнува условите, или не. Дури тогаш може да следи политичка обврска во која едната или другата страна ќе преземат мерки кои би подразбирале плаќање или надомест, на да ја наречам штетата која била направена во минатите 13 години.“

Колкава е таа штета, односно долгот на Србија кон пензионерите во Косово, кои се повеќе од 170.000, а од Владата во Приштина примаат помеѓу 60 и 112 евра, никој точно не знае. Заштитникот на граѓаните на Србија Саша Јанковиќ, но и некои од Здружението на пензионерите во Косово, споменуваат долг во висина „од 1 до 5 милијарди евра“.