1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Масивното полициско присуство спречи насилство

Бахри Цани/ Жана Ацеска18 ноември 2013

Прелиминарните резултати на повторените локални избори во северна Косовска Митровица ќе бидат познати утрово. Силните безбедносни мерки овојпат спречија напади.

https://p.dw.com/p/1AJGa
Фотографија: SASA DJORDJEVIC/AFP/Getty Images

Пред повеќе избирачки места во северна Косовска Митровица на повторените локални избори вчера (17.11.2013) беа поставени домашни и меѓународни полициски сили, како и војници на трупите на НАТО, КФОР.

И во другите делови од градот беше видливо зголемено присуство на полицијата и војската. Но, потреба од интервенција имаше само еднаш - уште пред отворањето на гласачките места, беа отстранети членовите на српската т.н. „Единица за цивилна заштита“. Портпаролот на косовската полиција Баки Келани изјави дека до затворањето на гласачките места имало неколку поситни инциденти, но гласачите во ниеден момент не биле загрозени.

Повторени избори поради насилните инциденти на првото гласање

Во северниот дел од Косовска Митровица, населен главно со Срби, мораше да биде повторено гласањето откако изборите пред две недели беа попречени од нападите и употребата на сила од страна на српски екстремисти. Претседателката на Централната изборна комисија на Косово Валдета Дака во разговор за Дојче веле повторените избори ги оцени како голем успех. Изборниот процес минал многу добро, а гласачите можеле непречено да го дадат својот глас, истакнува таа.

Излезноста на изборите сепак е ниска, од вкупно 23 илјади со право на глас, своето право го оствариле само околу 5.200 гласачи, што значи околу 22 проценти. Околу илјада избирачи гласаа „со резерва“, зашто многумина Срби немаат косовски документи или нивните имиња ги немаше во избирачките листи.

Wahlen in Kosovo November 2013
Фотографија: SASA DJORDJEVIC/AFP/Getty Images

Локалните избори како тест

Во фокусот овојпат меѓутоа се наоѓаше безбедноста, која беше осигурана. Непосредно по затворањето на гласачките места, сите гласачки ливчиња и материјали беа испратени на пребројување во Приштина.

„Сите гласачки ливчиња и кутии таму се во сигурни раце“, истакнува Дака. Изборните резултати ќе бидат познати дури денеска (18.11.2013). Србија се надева дека функцијата на градоначалник на Северна Косовска Митровица ќе ја добие некој од српските кандидати. Тоа би го овозможило создавањето на „Сојуз на српски општини“, кон што стремат Србија и ЕУ. Преку него би требало да биде извршено интегрирањето на српското малцинство во Косово, кое над 90 проценти е населено со Албанци. За возврат Србите треба да добијат широка самоуправа.

Косово во 2008. година еднострано прогласи независност од Србија. Новата држава досега е призната од 105 земји, од кои 23 од вкупно 28 членки на ЕУ. Србија и натаму тврди дека никогаш нема да ја признае независноста на Косово. Во април оваа година во Брисел, со посредство на ЕУ, беше постигнат Договор за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Локалните избори важат за тест за спроведувањето на овој договор и за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.