1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово на пат кон „нормалноста“?

Бахри Цани/ Александра Трајковска 2 декември 2013

Вториот круг локални избори во Косово мина мирно. За разлика од првиот круг на почетокот на ноември, овојпат немаше инциденти на изборните места на северот од поделениот град Митровица. Но имаше некои изненадувања.

https://p.dw.com/p/1ARjm
Фотографија: SASA DJORDJEVIC/AFP/Getty Images

Стравот беше голем. Откако гласањето на локалните избори на Косово на почетокот на ноември беше засенето од насилство на радикалните српски противници на изборите, за вториот круг избори ништо не беше препуштено на случајност: За гласањето овојпат имаше големо обезбедување. На вториот круг требаше да се изберат градоначалниците во 25 од 39 општини на Косово - мирното гласање го обезбедуваа повеќе од 5.000 домашни и меѓународни полициски сили. Тие исто така беа придружувани од војниците на НАТО на Косово, КФОР. Портпаролот на полицијата на Косово Баки Келани известува дека „немало поголеми инциденти“. Исто така и во северна Митровица, со мнозинско српско население, немаше безбедносни проблеми, а мнозинството Срби и овојпат не излегоа на гласање.

Раководителката на Изборната комисија Валдете Дака во интервју за ДВ изјави дека Косово „успешно го положи тестот на зрелост за демократија“. Таа нагласи дека изборите вкупно минале многу мирно, „и тие ги исполнија меѓународните стандарди за демократски избори“.

Дака очекува позитивен извештај за вториот круг избори и од набљудувачите на Европската унија. Шефот на мисијата на ОБСЕ на Косово Жан Клод Шлумбергер во првата реакција оцени дека гласањето минало „мирно и без проблеми“.

Во цело Косово, со мнозинско албанско население, повеќе од 40 проценти од вкупно 1,3 милиони гласачи излегоа на изборите. Излезноста на изборите во северна Митровица мѓутоа беше само 17 проценти. Таму живеат мнозинство Срби, кои во основа ја отфрлаат косовската влада и независноста на поранешната српска покраина.

Сепак, шефицата на косовската Изборна комисија, Валдете Дака ја оцени и оваа релативно ниска излезност на изборите како „голем успех“, бидејќи „Србите на северот на земјата за првпат воопшто учествувале на избори организирани од косовските институции“.

Kosovo Polizei Polizist mit Logo in Mushnikovo
Силите за безбедност се грижеа за ред и мир на изборитеФотографија: picture-alliance/dpa

Тешко соседство

Во општините на северот на Косово, населени претежно со српско население, претставниците на српската листа „Српска“ победија на изборите. Со тоа е отворен патот за формирање на „Сојуз на српски општини“ за кој се залагаат Србија и ЕУ. Со сојузот ќе треба да се интегрира српското малцинство во Косово, кое го сочинува 90 проценти албанско население. За возврат, Србите би требало да добијат широка самоуправа.

Косово во 2008. година еднострано прогласи независност од Србија. Новата држава досега ја признаа 105 земји, меѓу нив и 23 од 28 членки на ЕУ. Белград и косовските Срби не ја признаваат оваа независност. Нормализација на односите меѓу Белград и Приштина меѓутоа е предуслов за посакуваните преговори на Србија за пристап во ЕУ, кои би можеле да почнат идната година. Исто така и владата на Косово се стреми кон пристап кон ЕУ.

На пат

Во другите делови на Косово локалните избори на Косово не донесоа големо изненадување. Во главниот град Приштина претставникот на албанското радикално движење „Самоопределување“ Шпет Ахмети го победи умерениот Иса Мустафа. Поместување на власта имаше во повеќе од половината на општините, што косовските аналитичари го оценуваат како последица од „големото незадоволство на избирачите“ и како „желба за промени“. Сепак Демократската партија на премиерот Хашим Тачи освои најмногу гласови.

Овие локални избори се сметаа за тест за парламентарните избори на Косово кои најверојатно треба да се одржат напролет. За тие да се спроведат претходно би морало да се отстранат некои големи недостатоци, вели политичкиот аналитичар Наим Рашити. „Овојпат некои изборни листи не беа според правилата. Се појавуваа на пример имиња на починати лица, или имиња на лица кои немаат право на глас, кои живеат во дијаспора“, вели Рашити. И во општините кои се населени со мнозинско српско население нема точни податоци за лицата кои имаат право на глас „што доведе до тоа многумина Срби да смеат да го дадат својот глас, иако нивните лични документо беа нецелосни“. Сите овие недостатоци, нагласува Рашити, би морале да бидат решени пред парламентарните избори.