1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: продолжија безредијата и палењето цркви и манастири

19 март 2004
https://p.dw.com/p/AcOq
Во Приштина практично веќе нема Срби, откако еден свештеник и преостанатите Срби биле евакуирани од визбата на парохискиот дом покрај црквата "Свети Никола", која е запалена. Припадниците на Кфор морале да употребат солзавец за да ги растераат Албанците кои го подметнале пожарот. Останаа само уште неколкумина српски службеници на УНМИК, сместени во гимнастичката сала на објектот во кој се наоѓа мисијата и кој е добро чуван. Албанци, вработени при меѓународната мисија во Приштина, им се заканувале на другите вработените дека ќе постават бомби во просториите на мисијата. Пред нејзиното седиште синоќа имаше демонстранти-Албанци кои го вознемируваа персоналот. Косовскиот премиер Бајрам Реџепи синоќа отиде меѓу Албанците собрани на ридот Ветерник и бараше од нив да се откажат од намерата да навлезат во српското село Чаглавица.

Ограбен и запален е манастирот Девич кај Србица, откако Кфор ги евакуирал калуѓерките. Запалени биле и црквите во едно село кај Косовска Каменица и во близина на Ораховац. Неколкумина грчки припадници на Кфор се ранети во судирите со Албанците кои ја запалиле црквата "Свети Урош" во Урошевац. Според Српската православна црква, за време на безредијата во изминатите два дена Албанците запалиле 15 цркви и манастири, кои главно датираат од средниот век. Во Призрен се запалени сите цркви. Припадниците на германскиот контингент на Кфор во тој град воделе борба со повеќе илјади Албанци, кои се обиделе да преземат контролата врз главниот полициски штаб.

Повеќе минофрлачки проектили паднаа синоќа во кругот на болницата во северниот дел на Косовска Митровица. Персоналот на УНМИК, поради затегнатата ситуација, е евакуиран од јужниот дел на градот и пренесен на побезбедно место.

Десетици Срби во едно планинско село кај Вучитрн повеќе часови биле опколени и изложени на постојани оружени напади од Албанците од соседните села. Тројца Срби се ранети синоќа во едно село кај Гњилане во напад со рачна бомба врз куќата во која се наоѓале. Претставници на меѓународната полиција на вонредната седница на владата на Косово оценија дека наредбата за напади врз српските енклави во покраината била издадена од еден центар. Донесено е решение да се поведе истрага.

И командантот на јужното крило на НАТО Грегори Џонсон синоќа во Приштина исто така оцени дека насилството во изминатите два дена дејствува "организирано и оркестрирано".

Шефот на УНМИК, командантот на јужното крило на НАТО, командантот на Кфор, претставниците на земјите од контакт-групата за Косово и највисоките официјални политички претставници на косовските Албанци синоќа заеднички повикаа на прекин на насилствата. "Нема оправдание за насилството и тоа мора веднаш да престане. Тие кои учествуваат во него се предавници на сите луѓе на Косово" се вели во соопштението што го пренесе УНМИК. "Ние, лидерите на Косово, единствени сме во осудата на оние кои го спроведуваат насилството. Сега е време за мир" - е истакнато во заедничкиот повик.