1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовските Срби најавуваат протести

ЖА/бета/миа20 април 2013

Претставници на Србите од северниот дел на Косово, незадоволни од предлог-договорот меѓу Србија и Косово, кој е потпишан во Брисел, најавија протести за в понеделник.

https://p.dw.com/p/18Jo6
Фотографија: picture alliance/dpa

Претставниците на Србите потенцираа дека никогаш нема да прифатат воспоставување на косовски институции во северниот дел на Косово и за в понеделник во Косовска Митровица најавија митинг на кој ќе донесат одлука за формирање на Собрание на северно Косово.

Заменик директорот на владината Канцеларија за Косово Крстимир Пантиќ на синоќешната прес-конференција во Звечан истакна дека не успеале да го добијат текстот од предлог-договорот од српскиот владин претставник, но дека имале увид во текстот кој го објавиле Албанците.

Пантиќ додаде дека врз основа на она што се гледа во договорот тој е апсолутно неприфатлив, бидејќи се предвидува полицијата и судството да бидат во рамки на косовските закони и нема никакви врски со српските институции, оценувајќи го како дефинитивно повлекување на Србија од оваа територија.

„Ние ќе се консултираме со нашите граѓани за натамошните чекори и доколку расположението на нашите граѓани е такво, а сигурен сум дека ќе биде, тогаш ние ќе ја продолжиме борбата и нема да дозволиме овие, како и сите претходни договори, да се спроведат на терен“, истакна Пантиќ.

Тој ги повика граѓаните да останат мирни, да и‘ дадат поддршка на локалната самоуправа, да не им потклекнуваат на емоциите и да останат храбри какви што биле во изминатите 14 години, а од српскиот премиер Ивица Дачиќ побара да го посети Косово и да им објасни на граѓаните што потпишал во Брисел.

„Остануваме на ставот дека нема да дозволиме спроведување на договорот. Во понеделник на пладне во Косовска Митровица ќе се одржи голем народен митинг, собир на српскиот народ, на кој ќе донесеме одлука за формирање на Собрание на северно Косово“, нагласи Пантиќ.

Српската радикална партија за в понеделник во Белград најави исто така протести против договорот со Косово во Брисел, под мотото „Не го даваме Косово“.

Од странство стигнаа главно позитивни реакции на договорот меѓу Србија и Косово, постигнат по повеќегодишен конфликт. 

EU Außenpolitik Ashton, Dacic und Thaci in Brüssel
Ивица Дачиќ, Кетрин Ештон и Хашим ТачиФотографија: REUTERS

Европскиот комесар за проширување Штефан Филе оцени дека парафираниот договор ќе им помогне на Белград и Приштина на патот кон Европската унија(ЕУ) и додаде дека од клучно значење е политичарите и јавноста во двете земји да го поддржат договорот.

Американскиот државен секретар Џон Кери им честиташе синоќа на Србија и на Косово за постигнатиот договор во Брисел, оценувајќи дека до него дошло со компромис и политичка храброст на двете страни. Во соопштението од Стејт департментот се наведува дека САД го поздравува договорот за нормализирање на односите и им честитаат на Владите на Србија и на Косово за тешките одлуки, кои ќе ги приближат до нивната цел - евроинтеграциите.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен потврди дека Алијансата и натаму ќе ја гарантира безбедноста на целата територија на Косово.

„Им честитам на сите страни на нивниот конструктивен пристап во пронаоѓањето на трајно решение во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина и и’ честитам на баронесата Ештон што им помогна на двете страни во пронаоѓањето на заемно прифатливо решение“, соопшти Расмусен.

Албанскиот министер за надворешни работи Алдо Бумчи изрази задоволство од договорот постигнат во дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, додавајќи дека тој ќе придонесе за забрзување на евроинтеграцискиот процес на регионот.