1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовците збунети од фуснотата

28 февруари 2012

Претставници на цивилниот сектор, граѓани и аналитичари од редовите на неалбанските заедници во Косово, различно го толкуваат договорот постигнат меѓу Белград и Приштина.

https://p.dw.com/p/14BJt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Жарко Јоксимовиќ, претставник на српскиот цивилен сектор во Косово, вели дека за постигнатиот договор меѓу Белград и Приштина протестираат и опозицијата во Косово и во Србија, бидејќи веруваат дека нивната страна не добила ништо. Јоксимовиќ вели дека сите добиле со договорот, а дека опозиционерите негодуваат поради лични, а не поради интересите на народот.

„Секој договор е дефинитивен плус за двете страни. Статус квото не одеше од рака никому, од 1999 година наваму. Секој договор, ние од цивилниот сектор ќе го поддржиме и поздравиме. Проблемот е што тие преговори траат со месеци, и што обичните луѓе засега не гледаат некоја конкретна корист. Приказната за слободното патување е всушност една нова давачка на слободното патување. Искрено се надевам дека по сите политички сплетки, ќе се вратиме на договорот и конечно ќе речеме: постојат зелени картони кои ќе ги платиме 20 или 30 евра и не сакаме веќе никој на граница да не‘ малтретира и задржува, без разлика дали сме Срби, Албанци или нешто трето“, вели Јоксимовиќ.

Изет Велија, претставник на бошњачкиот цивилен сектор вели дека со договорот и‘ е направена отстапка на Србија.

„За Србија да добие статус на кандидат, напролет има и избори, па меѓународната заедница процени дека некој во Србија од тоа треба да профитира. Од друга страна, со самата фуснота во името Косово се враќа назад. Знаеме дека Косово прогласи независност и дека 88 земји ја признаа таа независност. Олеснувачка околност е тоа што Косово сега ќе може да оди кон евроатлантските интеграции“, смета Велија.

Pristina Kosovo
ПриштинаФотографија: picture-alliance/dpa

Договорот е добар за сите

Танер Гучљутурк, професор по турски јазик на Универзитетот во Приштина смета дека договорот многу значи за напредокот на целото косовско општество.
„Ние како турска заедница сметаме дека мора да се тргне од една точка меѓу двете држави која е предвидена со планот на Марти Ахтисари. За Косово е многу важно да се претставува на конференциите. Да се отвори можност, косовската влада и политичарите да се изразуваат на Балканот, но и пошироко во Европа. Мислам дека е ова за доброто на сите на Косово“, вели Гучљутурк.

Претставникот на ромската заедница, Башким Курти вели дека не само граѓаните, туку ниту цивилниот сектор, или политичките претставници на Ромите не знаат што точно значи фуснотата.

„Мнозинството припадници на заедниците на Ромите, Египќаните и Ашкалите не знаат што точно е поимот фуснота, затоа што тие се повеќе концентрирани на животно-социјалните проблеми. Не е дека не ги интересира, но не знаат што е фуснота. Тие имаат свои лични проблеми. Мислам дека и мнозинството граѓани од малцинските групи не знаат што е фуснота“, вели Курти.

Автор: Рефки Алија/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска