1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кофи Анан на турнеја по Блискиот исток

24 август 2006

Генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан за време на престојната турнеја по Блискиот исток, освен Израел и Либан, ќе ги посети и Сирија и Иран. Притоа ќе побара спроведување на резолуцијата на светската организација 1701 која на Либан треба да му обезбеди мир и да го зацврсти примирјето меѓу Израел и Хезболах, изјави вчера портпаролот на Обединетите нации Стефан Дујариќ:

https://p.dw.com/p/Ac3p
Кофи Анан во мисија на убедување на ЕУ
Кофи Анан во мисија на убедување на ЕУФотографија: AP

Пред почетокот на турнејата по Блискиот исток, Анан утре ќе учествува на средбата на министрите за надворешни работи на Европската унија кои ќе разговараат за учеството на Унијата во планираните мировни сили на Обединетите нации за Либан. За својата конечна одлука за учеството во тие сили, државите на Унијата очекуваат од светската организација јасен мандат. Токму тоа се очекува од Анан: детали за мисијата, тврдат дипломатите во Брисел. Исто така се очекува тој да побара од владите на земјите членки на унијата своите решенија за испраќање трупи да ги донесат веќе во септември.

Според предлогот за правилата на мисијата се вели дека таа ќе има главно дефанзивен карактер. Заменикот на Анан, Марк Малох Браун уште во минатиот вторник изјави дека УНИФИЛ мисијата ќе биде засилена, „робустна, но не и офанзивна„. Меѓутоа и употребата на сила на сините шлемови нема да им биде забранета. Значи, за самоодбрана и за спроведување на примирјето во пограничниот регион, ќе можат да користат оружје. Разоружувањето на Хезболах нема да биде задача на мировните сили, но ќе може да биде одземено она оружје на кое случајно ќе наидат. Исто така, ќе можат да и помагаат на либанската армија и во краен случај да употребат оружје, ако одделни борци на Хезболах се спротивстават на разоружувањето.

Инаку Анан има долга листа земји што ќе ги посети за време на оваа турнеја. Освен Израел и Либан, тој ќе патува во Сирија и Иран, потоа во Катар, Турција, Саудиска Арабија, Египет и Јордан. Дали ќе се најде во Иран токму пред истекот на ултиматумот на Обединетите нации во атомскиот спор на 31 август, според изјавата на портпаролот на светската организација не е јасно. Еден дипломат на Европската унија изјави дека Анан уште пред извесно време планирал да патува за Техеран во врска со спорот, па либанската криза сега му овозможува добар повод.