1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коцката фрлена: ДУИ „бојкотира“, ДПА бајпасира, ВМРО-ДПМНЕ профитира

Катерина Блажевска28 февруари 2014

Одлуката на ДУИ да побара предвремени избори, не ја изненади ни опозицијата, ни експертската јавност - во тој потег гледаат само последен чин од претходно договореното сценарио со ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/1BHFz
Фотографија: DW

Централното претседателство на владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ) синоќа одлучи партијата да не учествува на претстојните претседателски избори, да ги повика Албанците да не поддржат ниту еден кадидат за нов шеф на државата, а нејзината парламентарна група да поднесе иницијатива за распуштање на Собранието и за распишување предвремени парламентарни избори. Ваквата одлука следи откако ВМРО- ДПМНЕ не одговори позитивно на предлогот на ДУИ за консензуален претседателски кандидат. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за вечерва закажа вонредна седница на која ќе се разговара за иницијативата на ДУИ за распуштање на парламентот, а за претходно е најавена и поширока средба со партнерите од владејачката коалиција „За подобра Македонија“, веднаш по враќањето на партискиот лидер Никола Груевски од Германија.

Неофицијално, Собранието може да биде распуштено на специјална седница в понеделник, на која се очекува иницијативата на ДУИ да добие поддршка од другите партии. За распуштање на Собранието потребни се 62 гласа. По распуштањето на парламентот, претседателот на Собранието треба веднаш да ги распише парламентарните избори. Според сегашните најави, парламентарните избори треба да се одржат на 27 април, на денот од вториот круг на претседателските избори. Избори за пратеници се одржуваат во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието, но според одредбите на Изборниот законик, сите рокови за изборните дејствија може да се скратат за пет дена, освен рокот за изборна кампања. Според партиски извори, скратениот рок може да биде и 45 дена, а како пример ги посочуваат изборите во 2008. година, кои беа распишани 49 дена пред денот на гласањето.

Прочитана игра

Социјалдемократите не се изненадени од одлуката на ДУИ и ја доживуваат само како последен чин од одамна договореното сценарио на „алиби - играта“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Ако ДУИ има несогласувања со коалицискиот партнер, зошто би прифатил предвремени избори на вториот круг од претседателските избори, ако со тоа се зголемува и излезноста на претседателските, кои тие наводно ги бојкотираат и сакаат да бидат неуспешни. Играта е проѕирна и јасна, само ги потценуваат гласачите“, коментираат извори од партијата.

И во албанската етничка заедница доминира мислењето дека станува збор за добро осмислена игра, која нема никаква врска со интересите на граѓаните. Албанските политички партии, уште еднаш покажаа крајна некординираност и политичка недостојност за претставување на политичките интереси на Албанците, за кои тие и постојат, но изгледа дека тоа само формално го прават, вели аналитичарот Алајдин Демири.

„Овојпат, тоа беа претседателските избори. Прво што направија, ја деградираа претседателската функција до крајност, за да укажат на неважноста на овие избори и да ги искористат за да ги бојкотираат (ДПА) или да бараат консензус за претседателскиот кандидат (ДУИ). Потоа се сменија улогите. Ќе номинираме кандидат - одлучи ДПА, и нема да учествуваме затоа што немаме консензус - одлучи ДУИ, која по се‘ изгледа се плаши и да го употреби терминот бојкот, затоа што е во коалиција. Сето ова укажува на заткулисните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА за идната коалиција. Кај Македонците, веќе на секого му е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ со ова добива, но треба да одбере партнер. Се‘ поочигледно е дека оваа партија е незадоволна од актуелното коалицирање и се обидува тоа да го прави преку ДПА, но не е сигурна колку таа партија ќе добие, па сака да помогне тој број малку да порасне. Резултат на сето ова ќе бидат предвремени избори, за кои требаше мотив, а сега го имаат преку 'недоразбирање' меѓу актуелните коалициски партнери“, вели Демири.

Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus
Фотографија: MIA

ДПА амортизира

Зошто ДПА го смени ставот и реши да номинира свој кандидат на „неважните претседателски избори“, дотолку повеќе што знае дека тој не може да победи на изборите, е прашањето што го поставуваат гласачите. Според аналитичарите, одговорот е едноставен: ДПА во последен миг номинира свој кандидат за да го амортизира и бајпасира „бојкотот“ на претседателските избори во албанската етничка заедница, со тоа што помага на ВМРО-ДПМНЕ во обезбедување на легитиметот на изборниот процес и на кандидатот што ќе биде избран. Според аналитичарот Арсим Зеколи, повеќе од јасно е дека заради финансиски интереси, и ДУИ и ДПА преферираат да работат со ВМРО-ДПМНЕ.

„Имено, преку наводен бојкот од ДУИ, а со кандидирањето на Илијаз Халими од ДПА, всушност треба да се намали и бројот на гласачи за опозицискиот кандидат Стево Пендаровски.

Во прашање се финансиски интереси, а системот на ВМРО-ДПМНЕ им гарантира статус-кво, односно дека никој нема да ги загрози позициите на ДУИ и ДПА на централно или локално ниво ако се кооперативни. Тоа му одговара на Ахмети, особено по неколку настани со кои се покажа дека тој веќе нема апсолутна контрола во ДУИ. Еден градоначалник му премина во ДПА, а во Кичево ветераните на ОНА го одликуваа Енвер Хоџа, вест што на својата веб-страницата ја објави и кичевскиот градоначалник, Фатмир Дехари. И на Тачи му е потребно да излезе од сенка, особено што во партијата се‘ повеќе зајакнува градоначалникот на Струга, Зијадин Села“, објаснува Зеколи.

Според аналитичарите, овие слабости на ДУИ и ДПА, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги користи за ослабнување на позициите на едните и зајакнување на другите, во зависност од моменталните потреби и интереси.

Џиков – четврти кандидат

По одредени критики за привилегиран и фаворизиран статус на кандидатот Ѓорге Иванов во ВМРО-ДПМНЕ, случајно или не, се прошири кругот кандидати за претседателската функција. Покрај кандидатурите на Иванов, универзитетскиот професор Јове Кекеновски и магистерот на науки Божидар Ночев, до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во последен рок кандидатура доставил и поранешниот државен јавен обвинител, Ставре Џиков. Изборот на претседателски кандидат ќе го направат 1.300 делегати на Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера се изјасни и Извршниот одбор на СДСМ. За свој единствен кандидат го предложи универзитетскиот професор Стево Пендаровски, за чија номинација во вторник треба да се изјасни Централниот одбор, а потоа и партискиот конгрес.