1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кочани - „Град на културата“ за 2012

25 февруари 2012

Кочани е избран за „Град на културата“ во трка во која беа вклучени и општините Крушево, Крива Паланка,Тетово, Струмица, општина Чаир, Ресен, Неготино и Битола. Што тоа му носи на градот?

https://p.dw.com/p/149y0
Фотографија: Gemeinde Kocani

„Проектот на општина Кочани содржи конкретни квалитетни и разновидни културни содржини од сите дејности на културата“, појаснува за Дојче Веле Анита Јованоска, портпарол на Министерството за култура. Манифестацијата која се организира по деветти пат е заради дисперзија и развивање на културата, а културните содржини што ги финансира Министерството за култура да станат достапни за сите граѓани на Македонија. Министерството за култура има многу приоритети и еден од нив е локалниот културен развој, а еден од начините за негово потикнување е и оваа манифестација. ’Град на културата’ е конципирана со цел културата да стане достапна до сите општини во Македонија. Културата да не биде сконцентрирана само во Скопје, или само во поголемите градови и да им се даде можност за интересни културни настани и на помалите и помалку развиени општини“, појаснува Јованоска.

Кочани годинава двојно ќе ги зголеми културните настани

„Градот Кочани со години наназад има културно живеење, тоа е град со традиција во културата и добивањето на оваа манифестација ’Град на културата’ за 2012 година, за нас е врвна потврда и признание, потенцира за Дојче Веле Ратко Димитровски, градоначалник на општина Кочани. Веќе востановените културни манифестации годинава планираме да ги збогатиме и да воведеме многу нови. Од 150 бројот на културни настани годинава двојно ќе се зголеми - над 300, што значи секој ден годинава Кочани да биде исполнет со култура. Тоа се веќе востановените манифестации - Драмски аматерски театарски фестивал, кој егзистира веќе 50 години, 21-ва по ред културна манифестација Денови на оризот, по 12. пат Новогодишниот концерт на Музичкото училиште ’Ристо Јуруков’. Тука се постојаните изложби кои ги имаме од нашите и уметниците од други градови од Македонија, традиционалните литературни читања, поетски фестивал, саеми на книга, детски драмски фестивали и други манифестации‘, набројува градоначалникот Димитровски. Тој потенцира дека оваа манифестација е мошне значајна од аспект на подигање на квалитетот на културните содржини и збогатување на културниот живот во општина Кочани.

Kocani - Kulturstadt in Mazedonien für 2012
Концерт на музичкото училиште „Ристо Јуруков“Фотографија: Gemeinde Kocani

Од секторот за информирање на општина Кочани во рамки на манифестацијата „Град на културата“ во 2012 ги издвојуваат изложбата на Васко Ташковски, концертите на „Танец“ и Македонската филхармонија. Во Кочани е најавено годинава да помине карванот на Струшките вечери на поезијата со учество на поети од цел свет, ќе биде претставен портрет на Матеја Матевски, а ќе има и концерт со шансони во изведба на Костадинка Велкова од Загреб. Се планира и гостување на професионални театари од Македонија - МНТ, Битолскиот, Прилепскиот, Кумановскиот театар.

Според градоначалникот Димитровски, градот Кочани инфраструктурно може да одговори на потребите на манифестацијата: „На располагање е Центарот за култура „Бели Мугри“, со кој градот конечно доби една модерна сала која неколкупати се реновира, а годинава и целосно ентериерно ќе се уреди. Во Кочани е и Мултукултурниот центар, салата на факултетот „Гоце Делчев“, библиотеката „Искра‘‘ и неколку летни сцени. Од општината најавуваат да се направи и монтажна бина што би се користела за културните манифестации во летниот период.

Од општината информираат дека на манифестацијата „Град на културата“ 2012 ќе ги поканат да учествуваат или бидат гости сите културни дејци од Кочани и кочанско кои се насекаде во светот. Посебно вимание ќе им посветат на младите творци од сите области на културата и на бројните здруженија на граѓани од Кочани, кои ќе се претстават со свои бројни културни содржини.

Kocani - Kulturstadt in Mazedonien für 2012
Денови на оризот - манифестација која се одржала дваесет патиФотографија: Gemeinde Kocani

Во манифестацијата ќе бидат вклучени и соседните општини

Покрај Кочани, во манифестацијата „Град на културата“ планирано е да бидат вклучени и околните општини - Облешево, Зрновци, Македонска Каменица и Виница. Со помош на меморандумот за културна размена што општина Кочани го потпиша со уште девет други општини од источниот регион, полесно ќе се разменуваат содржини од меѓународен карактер. Воедно, од општина Кочани најавуваат и гостување на ансамбли и другу културни дејци и гости од соседните земји, како и учество на манифестацијата на нивните пријатели од побратимени градови од Србија, Хрватска и Бугарија.

Буџетот за програмата на „Град на културата“ првично изнесува нешто повеќе од 8 милиони денари. Од тоа, 60 отсто ги покрива Министерството за култура, околу 3 милиони денари се од општината и 350 илјади денари од спонзори, а од општината во текот на манифестацијата очекуваат уште поголема поддршка од Министерството за култура. Инаку, досега Градови на културата во Македонија биле Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кавадарци и Гевгелија.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска