1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кочница во Советот за безбедност за мировни сили на ОН во јужен Либан

Рајнер Зитфелд18 јули 2006

Скептични се пред се’ САД. Од Советот засега не може да се очекува резолуција или иницијатива за ставање крај на насилството на Блискиот исток

https://p.dw.com/p/Adzy
Џон Болтон, амбасадор на САД во ОН
Џон Болтон, амбасадор на САД во ОНФотографија: AP

Американскиот амбасадор во светската организација Џон Болтон на втората итна седница на Советот за безбедност на тема Либан јасно стави на знаење дека неговата земја не е за брзо примирје и нема да дозволи донесување резолуција против интересите на Израел: „Многу јасно мора да се обмисли околу легитимниот акт на самоодбрана, што сега го спроведува Израел. Пред да се дојде до прекин на огнот, мора да се види што беа причините за конфликтот“.

Според Болтон, ослободување на израелските војници од заробеништво кај Хамас и Хезболах е најбрз пат за запирање на конфликтот. Тој стриктно отфрла акции на Советот за безбедност, како и нови мировни трупи за јужен Либан. „Би била ли таква мисија овластена да се занимава со вистинскиот проблем Хезболах, да го разоружи и демобилизира? Би можела ли да им се спротивстави на земји како Сирија и Иран?“ Таквите барања, пак, одат далеку над идејата на Анан за воспоставување тампон-зона.

Во Советот за безбедност, во моментов заплеткан во принципиелна дебата, в петок ќе има наредни консултации. Таквиот став го води речиси до очај специјалниот либански пратеник Мухад Махмуд. „Ние сме фрустрирани и разочарани. Ова е погрешна порака за малите држави и нема да помогне во Либан, оти луѓето сега чувствуваат непријателство на Израел против сите Либанци, а не само против Хезболах“.

Тој наброја цели уништени од Израелците, кои му служеле само на цивилното население, како магацини за храна и млекарници. На прекорите дека неговата сопствена земја не се погрижила за проблемот со Хезболах, Махмуд возврати дека тоа бара време и трпение, а не оружје. „Насилството досега не реши ни еден проблем на Блискиот исток“ – рече либанскиот дипломат.