1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Здрав зимски сон

3 јануари 2012

Мечките се во топ форма и по повеќемесечниот сон. Тоа им успева преку рафинирано рециклирање во рамките на метаболизмот. Дали тука лежи клучот за решение за многу човечки болести?

https://p.dw.com/p/13dJG
Во лето мечките прават залихи од мастиФотографија: picture-alliance / OKAPIA KG, Germany

Снег, лапавица, дожд, студ, нечистотија и мрак-никој во вакви услови не се чувствува вистински пријатно. Најголем дел од луѓето најрадо би ја преспал зимата, како мечките. Тие можат да поминат до седум месеци во сон. Во тој период крвотокот и пулсот се спуштаат, мечките се свиткуваат и живеат од резервите масти собрани во летотo и есента, а за цело време не исфрлаат никакви материи-урина и измет.

Доколку човекот спие толку долго, неговите мускули ќе омлитават и ќе се разградат. Таков е случајот со пациенти на кои по кршењето на коска по подолго време им се симнува гипсот. Кај човекот од долго лежење се создаваат и чиреви на кожата. Освен тоа, би настапило и внатрешно труење, зашто телото при варeњето создава амонијак и бикарбонати, кои нормално се преработуваат преку црниот дроб и се исфрлаат преку бубрезите. Доколку отровните материи не бидат исфрлени преку урината, се зголемува нивната концентрација во крвтa, пред се‘ на амонијакот, што води до труење. Подолгиот периoд во кој човекот не би пиел течност би водел и до дехидратација.

Bärenpark in Bern Eröffnung Gelände Bär Flash-Galerie
По будењето од зимски сон, мечките брзо се во фит формаФотографија: Michael Schneeberger

Мечките меѓутоа, кога напролет ќе се разбудат од зимски сон, се во зачудувачка топ форма, без знаци на труење, без дехидратација и со задржани 90 проценти од мускулната маса. Ги губат само во летото и есента наталожените масти.

Рециклирање на урината

Тајната е во преминот на нивниот метаболизам во исклучително ефикасен рециклирачки систем: кај мечките амонијакот за време на зимскиот сон не се исфрла преку урината. Насобраната уреа црниот дроб воопшто не ја предава на бубрезите, туку ја испраќа директно во крвта. Таму таа преминува во плунката, која заспаната мечка ја голта, по што стигнува во желудникот каде бактериите повторно ја претвораат во амонијак и бикарбонат.

Дехидратацијата се избегнува од една страна преку прекинот на продукцијата на урина од страна на бубрезите, од друга страна со тоа што мечката се свиктува во клопче и дише во крзното, со што голем дел од здивот се враќа во крзното, па таа оттаму повторно го вдишува. Дополнителните потреби за вода ги задоволува од резервите на масти.

Хормонско управување

Импулсот за зимски сон на мечката и‘ го дава специјалниот хормон, т.н. ХИТ (Hibernation Induction Trigger). ХИТ доведува и до намалување на фреквенците на пулсот на половина од летните вредности. Освен тоа, овој хормон ги намалува апетитот и телесната температура. Мечката во зимскиот сон не дише длабоко, па не може да издише многу јаглерод диоксид. Затоа нејзината крв, поради промената во пе-ха вредностите, станува покисела. Масното ткиво, чија задача е со оксидација на масните киселини да произведува топлина, така ја намалува својата активност.

Bärenmutter mit Kind Finnland Winterschlaf Schnee
Фотографија: picture-alliance/dpa

Освен тоа, пе-ха вредноста влијае и врз функцијата на т.н. фосфофруктокинази-ПФК. Тоа се ензими кои го управуваат разградувањето на одредени јаглени хидрати во крвта. Кога вредноста на пе-ха во зимскиот сон падне, се разградуваат и тие ензими кои управуваат со треперењето на телото. При будењето на мечката од зимски сон, се зголемува интензитетот на дишењето. Таа издишува повеќе јаглероден диоксид, пе-ха вредностите на крвта се зголемуваат, а со нив и ПФК. Тоа доведува до треперење, а тоа го загрева телото. Веќе еден час по будењето, мечката постигнува „работна“ температура.

Научниците се многу заинтересирани за специфичностите на мечкиниот метаболизам. Нив особено ги интересираат механизмите кои спречуваат разградување на протеините и со тоа, на мускулните клетки. Изгледа дека мечките се отпорни и на остеопороза, разградување на коските. За време на зимскиот сон, нивната коскена супстанца се обновува. Откритието на ХИТ хормоните ги наведе научниците на идеја да ги употребат во медицината. Тие се надеваат дека органите за трансплантација би траеле подолго ако при транспортот се третираат со такви хормони.

И интензивната нега би можела да има полза од мечкиниот метаболизам. Така на пример, тешко повредените би можеле да бидат префрлени во состојба на вештачки зимски сон за да бидат забавени функциите на крвотокот. Освен тоа, агенциите за вселенски летови ЕСА и НАСА размислуваат за можноста астронаутите за врема на долгите вселенски летови да бидат префрлени во некој вид зимски сон. Тоа, меѓутоа, уште не е испробано во пракса.

Автор: Фабијан Шмит/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска