1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој бил Скендербег?

24 јули 2010

Скендербег, кнезот на Албанците, долго време претставува симбол на борбата за слобода. Една нова биографија на Скендербег од швајцарски писател предизвикува бурни реакции. Весникот „Тагесшпигел“ се осврнува на делото.

https://p.dw.com/p/OROi
„Тагесшпигел“ пишуваше за биографијата за СкендербегФотографија: AP

Упорниот кнез не претставува симбол на борбата за слобода само за Албанците. Споменици со Скендербег на коњ денес има во Албанија, на Косово, во Македонија, дури и во Рим, плоштади во Париз и во Брисел го носат неговото име. Уште кога бил жив бил славен по тоа што создал тврдина против османлискиот империјализам. Митот е образложен во биографијата „Животот и делата на Скендербег, кнезот од Епир“ (1508) од Маринус Барлециус, која до денес се смета за најсеопфатен извор. При таквото практично религиозно возвишување, секој нов обид за претставување направен врз основа на научни критериуми може само да провоцира. Швајцарскиот историчар Оливер Јенс Шмит току тоа го прави. Тој ги искористи речиси сите извори кои ги има за Скендербег, тоа му дозволува самостојно да ги изучува неговата личност и дела се‘ до сегашноста и одново да ги оцени.

Расветлување на идеализираната слика за Скендербег

Шмит ја расветлува идеализираната претстава за Скендербег, и притоа не се плаши ни од табуата за величање на иконите, поради што доби остри критики. Исмаел Кадаре, националниот албански поет, кој со неговиот еп „Тврдината“ за борбата кај Круја создаде монументално дело, непосредно по објавувањето на книгата предизвика една кампања. Имено, тој повеќе не го препознавал својот јунак, се спомнуваше напад врз идејата за слобода, а исто така и во албанските кафулиња се разговараше само за едно прашање: Дали Скендербег отсекогаш бил „чистокрвен Албанец“, со потекло од често спомнуваните Илири и Епироти? Или, како што тврди Шмит, според имињата на родителите Иван и Воисава, ортодоксен Србин, што во никој случај не можат да го прифатат обожавателите на Скендербег во Тирана, Приштина или Тетово? Шмит не сака да го омаловажи Скендербег, ниту да повреди нечии патриотски чувства, туку по толку векови едноставно да и‘ го расчисти патот на историската вистина. Кастриотите, докажува тој, потекнуваат од општество кое во целост било византолошко- српско, а Албанија тогаш во најдобар случај била само „географска просторна одредница“, но не и политички дефинирана територија.

Покрај научното ново дефинирање на Скендербег, само 2. поглавје содржи 688 фусноти, Шмит е извонреден раскажувач. На околу 300 страници ја напишал „Анатомијата на едно востание“, историска панорама на ренесансата на просторот на Балканот и покрај Јадранското Море, која е навистина интересна.

Основоположник на албанската државност

Шмит постигна голем успех. За тоа придонело и неговото последно поглавје „Едно востание и неговиот предводник: Обид за интерпретација“, кое може да се чита и одделно. Пред нас сега гледаме еден Скендербег со силни и слаби страни, зависен од неговите албански кнезови од соседството, од љубомората на италијанските сили, од ограничениот број и вооружување на војниците, кои можел да ги мобилизира. Само за Папата бил „Атлета Кристи“, верен вазал и пријател само на неаполитанскиот крал. Но, исто така и Скендербег, без чија мотивација и одлучност, непокорливост и храброст, Османлиите никогаш не би ја напуштиле областа на Јадранското Море на 25 години. Најдоцна во негово време започнува балканската непрегледност, но тој поттикнал и албански патриотизам, кој никогаш нема да згасне. Притоа Скендерберг воопшто не бил територијален кнез со стратешка способност како Александар Велики.

Центрифугалните меѓуплеменски односи исто така ја попречија стабилизираната „Империја“, а уште со манифестирањето на моќ беше исклучена и одлучувачка воена победа над Султанското царство. Неговата „Албанија“ мораше да остане привремена. Сепак како основоположник на нацијата барем имаше можност да ги постави основите на албанската државност. Во тој поглед, поради „новиот“ Скендербег на Шмит, Албанците не мора да се срамат.“

Автор: „Тагесшпигел“

Превод: Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски