1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ги контролира специјалните единици во Украина?

О. Перпедја, М Остапчук/ С. Недевски12 декември 2013

Нејзина основна задача е всушност борба против криминалот. Но сега специјалната полициска единица „Беркут“ е ангажирана пред сѐ против демонстрантите во Украина. Нејзината бруталност е озлогласена.

https://p.dw.com/p/1AXFY
Фотографија: SERGEI SUPINSKY/AFP/Getty Images

Во судирите меѓу безбедносните сили и демонстрантите во украинскиот главен град Киев учествува и специјалната полициска единица „Беркут“ (Камени орли) Опозициските партии бараат таа да биде укината. Витали Кличко кој ја води опозициската партија „Украински демократски сојуз за реформи“ накратко УДАР, смета дека таа единица се дискредитираша самата себеси. Прекумернaта употреба на сила во обидот да се задушат протестите и растераат демонстрантите предизвика огорченост во Украина.

„Беркут“, „Алфа“, „Омега“, „Соко“ и „Титан“ се имињата на специјалните единици на украинската безбедносна служба СБУ, но и на тајната полиција. Специјални единици имаат и граничарите и војската во Украина. Но во последните години на јавноста и на граѓаните им паднаа в очи и ги шокираа припадниците на единицата „Беркут“, кои станаа познати по непотребната бруталност и агресивност кон демонстрантите.

Тоа пред сѐ важи за крвавото задушување на студентските протести на 30. ноември, на плоштадот на независноста во Киев. Студентите се побунија против одлуката на владата, која беше последица на притисокот од Русија да го суспендира потпишувањето на Договорот за придружување и слободна трговија меѓу Украина и Европската унија. Ден подоцна студентите беа брутално претепани од страна на припадниците на „Беркут“.

Ukraine Demonstration in Kiew 30.11.2013
Фотографија: Reuters

Правен вакуум

Експертите укажуваат дека таквите елитни единици делумно дејствуваат во правен вакуум. Такви единици се потребни, но нивниот број и задачите и средствата со кои се служат мораат да бидат јасно дефинирани, вели Микола Чавроњук од украинскиот Центар за политички и правни реформи. Меѓутоа тие задачи во случајот на единицата „Беркут“ не се јасно дефинирани, предупредува овој експерт.

Специјалната единица „Беркут“ е основана во 1992 година како интерветнтна единица за борба против организираниот криминал. Парламентот нема контрола врз тие трупи, кои исклучиво се под команда на Министерството за внатрешни работи на Украина. Порано во составот на оваа единица беа поранешни припадници на елитните единици на војската, како и искусни милиционери. Четирите илјади припадници на „Беркут“ пред сѐ мораат да бидат во добра физичка кондиција и да бидат апсолутно оспособени. Шанса да бидат примени во единицата немаат само искусни и проверени борци, туку и планинари, нуркачи и снајперисти.

Специјалците заработуваат околу 500 евра

Просечната месечна плата на припадниците на таа единица е околу 500 евра, обичен полицаец заработува околу 300 евра. Но за разлика од полицајците, припадниците на „Беркут“ се обучени да апсат вооружени криминалци и припадници на вооружени групи. Тие се и психолошки подготвени за тоа. Меѓутоа сузбувањето на криминалот денес е второстепена задача на единицата. Безбедноста и јавниот ред и мир на политичките и верски манифестации, како и на спортските и на културните настани, се сега во фокусот на дејствување на овие специјалци.

Ukraine Polizisten des mobilen Einsatzkommando Berkut im Einsatz
Фотографија: Innenministerium Ukraine

Во тој контекст правниот експерт Чавроњук укажува дека прописите на Министерството за внатрешни работи не даваат одговор на важни прашања, како на пример: Што претставува попречување на јавниот ред и мир? Која е разликата меѓу ставање крај и задушување на масовни безредија? Колкав број учесници треба да се појават за да може да се говори за масовни демонстрации?

Украинскиот борец за човекови права Олег Марињенко со загриженост забележува дека понекогаш на мирните демонстрации има еднаков број демонстранти и припадници на „Беркут“. Државата во суштина со својот апарат на моќ одлучува кои демонстрации ќе ги задуши и тогаш на лице место ја испраќа својата единица. Психолошката обука на припадниците на единицата е таква што тие во демонстрантите гледаат опасност која со сите расположливи средства треба да се отстрани. Тие не можат да проценат дали наредбата на нивниот командант е во согласност со законот. Покрај тоа, знаат премалку за правата на граѓаните кои протестираат. Затоа специјалните единици сѐ повеќе стануваат средство за задушување на политичките и на социјалните протести.