1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ги подели првоодделенците во Келн?

24 септември 2010

Сомнителна распределба на одделенијата во едно училиште во Келн - во едниот клас се сместени само првачиња со германско потекло, а во другиот само деца со мигрантско потекло. Коинциденција или намерно разделување?

https://p.dw.com/p/PJTy
Фотографија: DW

Уште во првите години од образованието, германскиот образовен систем предвидува делење на учениците според оценките и постигнатиот успех. Притоа, оценките од основното училиште играат клучна улога во одредувањето на натамошниот образовен пат по кој ќе се движи еден ученик. Од почетокот на новата учебна година, во училиштето „Готенринг“, во Келн, се дискутира за сомнителната поделба на првооделенците. Неколку родители се сомневаат дека во формирањето на класовите во прв план стоела етничката припадност на децата. Меѓутоа, директорката на училиштето, Зилке Шредер-Волерт, смета дека распределбата на класовите е добро извршена:

„Во прво одделение се запишани 33 деца, од кои само 11 се Германци. Четири дечиња од нив се знаат многу одамна, заедно оделе во градинка, заедно играат фудбал и го следат истиот образовен пат. Од педагошки причини се одлучивме децата-Германци да ги ставиме во заедничко одделение“, вели директорката.

Родителите на децата од класот 1Б се сомневаат дека поделбата на децата е извршена намерно и не сакаат културните разлики меѓу нивните деца и децата-Германци уште повеќе да се зголемат.

„Зошто во нашето одделение нема ниту едно Германче? Ни‘ велат: тоа е здрава поделба, децата се одлични ученици, што според мое мислење не може да се утврди за една-две недели. Сакаме да знаеме што е поентата на ваквата поделба, ни‘ треба објаснување. Стравуваме дека нашите деца се запоставуваат“, нагласува мајката на едно од децата од 1Б.

Мешање само на часовите по физичко

Gemeindegrundschule Gotenring Köln Deutz Eltern Schüler Kinder
Родителите загрижени - дали сите деца добиваат ист третман?Фотографија: DW

Потеклото на учениците не треба да биде пресудно за нивното образование во Германија. Родителите на учениците од класот 1Б се задоволни и од наставничката и од наставата, меѓутоа сакаат гаранција дека нивните деца имаат исти образовни шанси и го добиваат истиот третман како и децата од класот 1А. Франк Абади, татко на едно од децата од овој клас, вели дека родителите од 1Б погрешно ја сфатиле ситуацијата:

„Според мене, распределбата е добра. Децата се делат според местото на живеење, според досега склучените пријателства и според тоа со кого оделе во градинка. Бидејќи Турчињата се познаваат меѓусебе, можам да си замислам дека биле изразувани желби од типот Али сака да биде во исто одделение со Мустафа, Мустафа со Емра итн. Мислам дека така настанала ваквата констелација.“

Родителите од основното училиште Готенринг во Келн сакаат нивните деца да учат едни од други, без никакви поделби. Часовите по физичко воспитание се единствената можност за средба меѓу двата класа. Тука заедно трчаат, играат фудбал и разговараат. Меѓутоа, дали тоа е доволно за поттик на соживотот меѓу нив - се` уште не е јасно. Училишната управа одлучи во наредните денови да свика родителска средба, на која ќе се бара заедничко решение, со цел сите да бидат сигурни дека децата имаат шанса да се стекнат со исто образование.

Автор: Ирем Езгекчелер / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска