1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го уби Литвиненко?

Алфред Шмит25 ноември 2006

Германската влада побара од Русија учество во истрагата околу мистериозната смрт на поранешниот таен агент, Александар Литвиненко. Ополномоштеникот на владата за човекови права, Гинтер Нооке, за изјави дека Русија треба да покаже интерес веќе поради фактот што е членка на Советот на Европа.

https://p.dw.com/p/Advc
Александар Литвиненко
Александар ЛитвиненкоФотографија: AP

Британскиот печат шпекулира околу причините за смртта на екс-агентот. “Индипендент“ релативно претпазливо на насловната страница прашува: “Кој го уби Литвиненко?“ “Тајмс“, наспроти тоа, е порешителен и насловот таму гласи: “Отруениот шпион е жртва на државен тероризам“. Весникот цитира висок британски службеник, кој анонимно изјавил дека веќе има доказен материјал кој сеуште не е објавен. Тој материјал укажува на тоа дека Литвиненко навистина бил убиен од странски агенти.

Едно веќе сега е сигурно – смртта на Литвиненко е дело на професионални убијци. Радиоактивниот материјал полониум 210, од кој што почина екс-шпионот, бил дозиран целно. Научниците во британскиот печат пишуваат дека материјалот веројатно потекнува од некоја атомска централа.

Опасноста што произлегува од радијацијата е причина британската полиција да нареди прегледи на лекарите и персоналот кои го негувале Литвиненко.

Во моментов се прегледуваат и сликите од видео-камерите за набљудување за да се види со кого се сретнал екс-шпионот на денот на труењето. Сеуште нема официјална изјава од страна на британската влада. Литвиненко има британско државјанство и во случај руските власти да биле вмешани во убиството, би се создале дипломатски тензии меѓу Лондон и Москва.

Инаку,британската влада по убиството со труење на поранешниот руски агент Александер Литвиненко, побара помош од Кремљ за расветлување на случајот. Претставници на британската влада разговараа за случајот со руската амбасада. Во телото на 43 годишниот Литвиненко, кој почина во четвртокот, биле пронајдени високи дози на радиоактивната супстанца полониум. Истрагата поаѓа од тоа дека досега непознат извршител тајно му го дал полониумот на критичарот на Кремљ. Литвиненко, кратко пред својата смрт, го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека наредил негово убиство. Путин одби секаква замешаност во случајот.