1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е компромисот: Молк и за опцијата, и за шпекулацијата!

18 мај 2018

Неофицијално, во сабота би можела да се одржи средба, на која премиерот ќе ги информира лидерите на парламентарните партии и шефот на државата за последниот напредок во разговорите со Грција за спорот со името.

https://p.dw.com/p/2xv81
Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit seinem griechischen Kollegen, Alexis Tsipras in Sofia
Фотографија: DW/B. Georgievski

Во Македонија владее молк по прашањето која е опцијата за решавање на спорот за името, за која премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас на разговорите во Софија утврдиле дека „би можела да биде прифатлива за двете страни“, но дека мора да помине низ процес на консултации во двете земји. 

Единствено што беше јавно потврдено е дека се работи за предлог пакет-решение.

„Опцијата која би можела да биде прифатлива за двете страни е комплетно решение. Значи, не се работи само за парцијални делови, но секако продолжуваат консултациите внатре, во двете земји“, прецизираше премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција со премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј.

Воздржаност владее и во грчките медиуми. Освен официјалните изјави на двајцата премиери, нема информации кои би можеле да навестат која е опцијата што конечно би можела да ги премости „планините кои стоеја меѓу двете земји“, како што своевремено илустративно ја опишуваше ситуацијата поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Поповски.

Повеќе: Зоран и Алексис се договориле за името, се чека на Македонија и Грција

Каракачанов: Слушнав за „Илинденска Македонија“

Не предизвикаа поголема врева ниту медиумските шпекулации, кои брз база на информации од дипломатски извори тврдат дека „Република Илинденска Македонија“ е предлог-името што би можело да биде прифаливо за двете страни. Голем дел од домашните медиуми не ги ни пренесоа овие наводи. Тој предлог засега јавно го спомна бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов во програмата „Ова утро“ на БТВ.

Bulgarien - Krassimir Karakachanov von der nationalistischen Partei VMRO und ein General
Красимир Каракачанов(л.)Фотографија: BGNES

„Слушнав за Илинденска Македонија, исто како и за Вардарска, Северна... Илинденското востание е едно бугарско востание, дел од нашата заедничка историја“, изјавил Каракачанов.

Тој додал дека според него, двете земји во разговорите стигнале до „една рака растојание“.

„Ние немаме претензии кон името на Република Македонија. Имаме претензии да не ја игнорираме историјата. Важно е да заврши овој вештачки спор за името, кој го отежнува членството на Македонија во ЕУ“, изјавил бугарскиот министер.

Повеќе: Ципрас: Последните метри се најтешки

Малески: Огромен чекор кон решение

Поради недостиг на официјални информации, воздржаност владее кај домашните аналитичари. Но, врз основа на изјавите на македонскиот и грчкиот премиер, првиот министер за надворешни работи на самостојна Македонија и поранешен амбасадор, Денко Малески, смета е направен огромен чекор кон решение на спорот. 

„Штом двајцата премиери се согласиле дека во своите земји носат текст на можно решение околу кое се согласни, мислам дека е направен огромен чекор кон успешно завршување на разговорите за спорот за името. Не го знаеме текстот, но претпоставуваме дека Република Македонија морала да излезе во пресрет на грчките барања, и дека сето тоа вреди да се стори за она што треба да следува потоа - членство во НАТО и датум за преговори со ЕУ“, вели Малески. 

Mazedonien Denko Maleski ehemaliger Außenminister
Денко МалескиФотографија: DW/P. Stojanovski

Она што засега е неизвесно е дали предлогот би бил прифатлив за сите политички фактори во двете земји, особено кај опозицијата.

„Треба да се види како ќе биде примено тоа од другите политички фактори. Но нема сомневање и опозициите ќе бидат ставени во деликатна ситуација, во смисла дека ќе биде тешко да опонираат на јавното мислење кое бара решавање на спорот, но и на силната поддршка од меѓународниот фактор во таа насока“, смета Малески.

Незири: Потребен широк консензус

Аналитичарот Џелал Незири, оценува дека „Заев и Ципрас, по сѐ изгледа, договориле решение за името“.

„На самата средба помеѓу двајцата премиери ѝ претходеше интензивна дипломатска активност и преговарање помеѓу Скопје и Атина. Двајцата премиери најавија дека договорот ќе треба да добие поддршка и од страна на опозицијата во двете земји, особено во Македонија. Според првичните информации, договорот предвидува уставни промени во однос на името, без да биде опфатен делот на именувањето на етникумот и јазикот, како столб на македонскиот идентитет. Заради ова, во Македонија е потребен широк политички консензус, што значи согласност и од страна на опозицијата, за да се спроведе договореното, кое подразбира двотретинско парламентарно мнозинство. Во случај опозицијата да не се согласи со решението, тогаш ќе биде потребен референдум, што би значело и фазно решавање на проблемот“, анализира Незири.

Uno-Vermittlung Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland
Лидерска средба за спорот за името (27.01.2018)Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Потенцира дека во Грција договорот може да помине и со обично мнозинство, без да биде потребен референдум или квалитативно мнозинство.

„Но, и на Ципрас ќе му треба поддршка од опозицијата заради историската природа на договорот, уште повеќе кога истиот може влијае негативно врз кредибилитетот на неговата партија во пресрет на парламентарните избори идната година. Мислам дека договорот не е конечен, и дека е условен од поддршката која ќе се добие во Македонија и Грција. Заради ова, до крајот на јуни се очекува зголемување на дипломатските напори за убедување на политичките фактори во двете земји за да ја прифатат спогодбата пред состанокот на Советот на Европа и пред самиот на НАТО“, констатира Незири. 

Неофицијално, во сабота би можела да се одржи средба, на која премиерот ќе ги информира лидерите на парламентарните партии и шефот на државата за последниот напредок во разговорите со Грција за спорот со името.