1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е македонски Санадер?

22 декември 2010

И Македонија би можела да биде зафатена со регионалниот бран на прочистување од транзициските политичари кои биле актери, стимулирале или прикривале и амнестирале илегални трансакции, за лични, но и партиски цели.

https://p.dw.com/p/QiZc
Корупцијата е една од најголемите балкански „болести“Фотографија: BilderBox.com

Политичките магазини во земјата имаат наслови од типот: „Кој е македонскиот Санадер“? За опозицискиот „Глобус“ тоа е Груевски. Критички настроениот „Фокус“ со насловна страница и дилемата меѓу актуелниот премиер и лидерот на опозицијата - Црвенковски.

„Кај двајцата можете да најдете спорни моменти во времето на владеењето како премиери. Груевски, во моментов, не може да биде македонскиот Санадер од една многу прозаична причина - тој ги контролира сите контролни механизми, сите институции. Но, исто толку сум убедена дека кога Груевски ќе падне, ги има сите шанси да ја доживее судбината на Санадер. Значи, во овој момент, македонски Санадер би можел да биде Бранко Црвенковски. Тоа власта вешто го игра во овие моменти“, вели главниот и одговорен уредник на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова.

Шефот на невладината антокорупциска организација Транспарентност Македонија, Сашо Ордановски, за Дојче веле коментира:

„Не е воопшто случаен бранот на прогони на врвни политичари во регионот и сосема е сигурно дека тоа е процес кој е контролиран од одредени центри на влијание во светот.Толку премиери да се најдат на удар не е случајно - Јанша, Ѓукановиќ, Санадер, Хашим Тачи, а се слушаат и некои други имиња. Тоа наликува на организирана акција, координирана веројатно од Брисел, за конечно да се расчиси со транзициските и криминализирани политичари во регионот.“

Verhaftung des früheren kroatischen Ministerpräsidenten Ivo Sanader
Иво Санадер беше уапсен на 10 декември, во АвстријаФотографија: AP

Македонските партиски лидери често разменуваат пораки со меѓусебни обвинувања за сторен криминал. Груевски го обвинува Црвенковски дека извршил незаконска и сомнителна приватизација, додека лидерот на СДСМ одговара дека криминалот во Македонија е под директна заштита и учество на таканаречената „Фамилија“ на челникот на ВМРО ДПМНЕ.

„Ние од Транспарентност Македонија секоја година предупредуваме дека се влошува амбиентот на корупција кај сегашната власт“, нагласува Ордановски.

Костова оценува дека Бранко Црвенковски има поголеми „опашки“ од времето на транзицијата, но какви материјали ќе излезат во јавноста за криминалот, дали тие ќе дојдат од соседството и за кого, треба да се почека.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска