1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е се‘ малцинство на Балканот?

Силвера Падори-Кленке25 октомври 2012

Петнаесет млади новинари од Германија, Франција и државите од екс-Југославија со проектот „Балкан Мултимедија“ создадоа веб-страницата „Лицата на Балканот“ каде преку стории одговараат: Кој е малцинство на Балканот?

https://p.dw.com/p/16Vsb
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Мал е бројот млади новинари кои имаат можност заеднички да учат и работат со своите колеги од други држави. Оваа привилегија изминатиов месец ја имаа петнаесетмина, меѓу кои и пет професионалци од Македонија кои учествуваа во проектот „Балкан Мултимедија“.
„Работата со млади новинари кај нас има долга традиција. Сакаме да ги зајакниме нивните професионални квалификации, да се остварат работни контакти на новинарите од Франција и Германија со колегите од Југоисточна Европа што ни е потребно во една сплотена Европа“, изјави за Дојче веле, Франк Моравиец задолжен за Југоисточна Европа од Германско-француското здружение за младинска соработка кое го овозможи проектот заедно со Школата за електронски медиуми од Потсдам, Дојче веле, како и повеќе фондации од Германија и Македонија.
„Во првите две седмици вежбавме и донесовме многу одлуки околу тоа како ќе се обработи темата, како ќе изгледа веб-страницата, со кои приказни ќе се занимаваме. Според мене решавачко е учењето во текот на работата. Не да се седи како в училиште и да се слуша, туку да се излезе на терен, да се спакува камерата, да се истражува“, вели за ДВ Јан Шефер, задолжен за тренингот на 15-те новинари кои во првите14 дена ги совладаа аудио и видео форматите, фотографија, он-лајн презентацијата. Во третата седмица од проектот петте тима ги истражуваа приказните во секоја од земјите кои требаше да одговорат на прашањето: Кој е малцинство на Балканот?

Непроценливо искуство

Два мешани тима престојуваа во Македонија. Првиот со Кристина Озимец (новинар во Фокус), Ивана Петрушева (од 24 вести) и уште двајца новинари од Германија и Франција изработи три стории: за ромската актерка Санела која работи како учителка во Шуто Оризари, за транс-сексуалецот Лука и за студентот со Даунов синдром. Ги прашавме: може ли наученото да го применат и во македонската работна средина и какво е искуството?
„Одлично и непроценливо! Не само што видовме како е да работиш со обука од Германија во сопствената држава, туку и се измешавме со колеги од различни држави. Имавме прилика да го споредиме пристапот на работа, да видиме колку може заедно да одиме, до каде може да се согласиме, до каде може да отстапиме не само заради менталитетот, туку и заради начионот на кој сме научени да функционираме“, вели Ивана, додека Кристина е поконкретна:
„Многу се подетални, попрецизни, саакаат целосно да ги имаат испланирано работите, за разлика од нас кои толку не ги планираме! Но, и тие од нас научија дека и спонтаноста некогаш знае да биде предност, зашто во новинарството не може се’ да се планира. Јас дефинитивно научив многу околу точноста и времето и дека 10 минути доцнење е многу!“
Импровизирање наспроти планирање!
Марија Митевска (од Слободна Европа), Игор Смилевски, Темјана Поповска и германскиот новинар Максимилијан Улрих во Скопје обработија четири портрети меѓу кои на Стамен Филипов, најпознатиот оспорувач на закони во Македонија, но и на албанскиот музичар Амон Ра кој свири во мултиетнички бенд. Марија вели дека секако било покомплицирано да се работи во група. Имало повеќе разговори и дискусии, но од друга страна предност било што работата можела да се распредели.
„Беше сосем поинаку отколку што очекував! Научив дека новинарската работа во Македонија е поинаква од онаа во Германија. Термините не се почитуваат и повеќе се импровизира. Многу работи се разговараат со филџан кафе, нема многу состаноци. Ми се допадна што луѓето се многу поотворени, може да им се пристапи, да се праша, не мора однапред да се договараат сатници за разговор и сл. Негативно е што не може добро да се планира, а ние Германците радо планираме,така, остана чувството дека немаш контрола врз она што го носи денот, не знаеш дали работата ќе се заврши или не. Но, и на тоа човек се навикнува“ , го кажува скопското искуство Максимилијан Улрих.
Слични се и видувањата на Лиза од Франција и Милка од Белград, Дардан од Приштина, Горана од Бања Лука и сите други кои се автори на портретите на Лицата на Балканот, веб-страница (www.facethebalkans.com) која од 26 октомври одговара на прашањето: Кој е се’ малцинство во регионот ?

Balkan Multimedia Projekt EMS Potsdam
Како да се има најдобар тон, Дариа Занди (во средината) ги обучуваше Ивана и ЛизаФотографија: DW/S. Padori-Klenke