1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кој мами, лета“ - закана за дојденците од Бугарија и Романија

А. Роволт/ З. Јордановски26 јануари 2014

Деновиве во Германија се води жолчна дебата за сиромашните дојденци од Бугарија и од Романија, кои наводно сакаат да живеат на државна сметка. Оправдани стравувања или популистички лов на гласови?

https://p.dw.com/p/1AsuP
Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Шефот на Христијанско-социјалната Унија Хорст Зехофер мора нешто да стори, оти неговата партија е само мини-партнер во големата коалиција. Рефлекторите се насочени кон големите, па ЦСУ има итна потреба да се најде во насловите. И, успеа, но не СО, туку ПРОТИВ Европа. Најновиот слоган гласи: „Кој измамува, ќе лета!“

Оваа теза доби благослов од пратениците на ЦСУ во Бундестагот. Но, зошто токму сега? Од почетокот на годинава Романците и Бугарите смеат да бараат работа и да живеат насекаде во ЕУ. Заканата дека измамниците ќе летаат од ЕУ е насочена кон луѓе како овие - Роми во Берлин, кои го напуштиле родното село во Романија поради сиромаштија. Некои од нив во Германија се обидуваат со трикови да добијат социјална помош.

CSU Parteitag Rede Horst Seehofer 23.11.2013
Лидерот на Христијанско-социјалната Унија Хорст ЗехоферФотографија: picture-alliance/dpa

„Ако националните закони им дозволуваат да побараат одредена социјална помош оти се Европејци, тогаш е в ред луѓето и да го прават тоа. Не може за тоа да им се упатуваат прекори на луѓето што доаѓаат.“ , вели Бенјамин Маркс, кој раководи со еден станбен проект за Роми.

Статистиката дури покажува дека помалку Романци и Бугари бараат помош, отколку што е просекот.

Најголемиот дел од нив се добро образовани, како Марија Шулц: заболекарката од Романија дојде во Германија, овде се омажи. А во нејзината земја лекари недостасуваат како никаде на друго место во Европа. Но, работните услови се лоши, лекарите речиси бегаат. Во Германија тие имаат добри шанси. Марија не верува дека сега поплава од необразовани Романци ќе ги празнат германските социјални фондови.

„Тие непосакувани Романци, кои ја искористуваат социјалната помош, веќе одамна, со години живеат во Германија. Тие не чекаат да дојде 1. јануари 2014 за веднаш да летаат или да се возат кон Германија.“, вели Марија Шулц и дополнува дека во никој случај не очекува да дојдат уште повеќе Романци во Германија.

Arbeitsemigration aus Bulgarien und Rumänien 02.01.2014
Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Големи задршки имаше уште кога Романија и Бугарија влегоа во ЕУ пред седум години. Уште за време на официјалната прослава лебдеа стравувањата: Ќе дојде ли сега армија од луѓе подготвени да работат за мали пари? Не, не дојде, не се обистинија делумно популистичките пароли.

А денес? Во големата коалиција тезите на ЦСУ не се добро примени. Не е мала бројката на оние, и од ЦДУ исто така, кои се дистанцираат од коалицискиот партнер. Новиот повереник за интеграција Ајдан Озоуз го вели она, што многумина го мислат:

„Не е решение да се каже, најавувам дека едноставно ќе ги исфрлам сите за кои мислам дека мамат, дотолку повеќе што ни не знам дека доаѓа некој, кој сака да ме измами. Значи, прво треба да се навикнеме дека сите луѓе во Европа слободно се движат.“

Опозицијата во Бундестагот оди уште подалеку: за неа е јасно дека ЦСУ само сака да лови гласови од крајно-десниот раб на општеството.

„Навистина сум многу загрижена поради расположението во земјава. Овие дебати, кои ги предизвика ЦСУ, за некого создаваат соодветна клима во Германија, во која расизмот вистински е опасност по живот за многмина мигранти.“, вели Севим Дагделен од пратеничката група на Левицата во Бундестагот.

Хорст Зехофер повторно се најде во фокусот. Тој се бори за профилирање, поради заканата да исчезне во големата коалиција. Во Баварија наскоро ќе има избори, а претстојат и изборите за Европскиот парламент. Еврокритичката партија „Алтернатива за Германија“ го прeсретнува Зехофер токму со пароли како неговата - „Кој мами, ќе лета“.

Symbolbild Armutsmigration Europa
Фотографија: imago/epd

Наводните изманици - Романците и Бугарите, значи, би требало да ги најдеме овде - во Агенцијата за вработување. Кој бара надомест за невработеност, мора да се пријави овде. Но, ходниците се празни.

„Досега немаме никакви сознанија дека сега ќе дојдат во голем број. Сигурно ќе има по некој од обете земји. Но, поаѓаме од тоа, дека претежен дел од нив се образовани стручни кадри, какви што ни се итно потребни овде во Германија, кои потоа ќе плаќаат придонеси во социјалниот систем.“ вели Рене Дреке од Агенцијата за вработување во Берлин

Тоа не е пречка за ЦСУ; на партијата ѝ е доволно да зборува за социјални измамници иако ги нема, но и така се стигнува во насловите!