1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Russland Opposition

13 декември 2011

Откако илјадници демонстранти излегоа на улиците на Москва барајќи фер избори, во Русија почнува потрагата по предводник на протестното движење. Се‘ уште нема на повидок човек кој би бил предизвикувач на Кремљ.

https://p.dw.com/p/13RkI
Протести против изборни манипулации во МоскваФотографија: dapd

Во Москва нема мир, и натаму илјадници луѓе се собираат на протести, по противниците на власта, и оние кои сакаат да покажат дека премиерот Путин, кој се кандидира за претседател, има и приврзеници.

Путин и Медведев немаат гајле

Русија се‘ уште е под впечатокот на демонстрациите од викендот.

„На администрацијата на Путин мора да и‘ е јасно дека веќе нема поддршка кај голем дел од народот“, вели Ханс-Хенинг Шредер, раководител на одделот за Русија во фондацијата „Наука и политика“ во Берлин. Илјадници луѓе во саботата, на 10. декември учествуваа на протестите „За слободни избори“ на московскиот плоштад Болотнаја, толку многу ги немало со децении. Тие бараа повторување на парламентарните избори од 4 декември, кои според официјалните податоци ги доби владејачката партија Единствена Русија со 50 проценти од гласовите и со тоа освои апсолутно мнозинство. Демонстрантите се сомневаат во изборниот резултат и ја обвинуваат власта за масивни фалсификати.

Кремљ ги отфрла обвинувањата за изборни манипулации.

„Не се согласувам ниту со тезите, ниту со барањата на демонстрантите“, напиша во неделата рускиот претседател Дмитри Медведев на својата интернет страница на социјалната мрежа Фејсбук.

И рускиот премиер покажа мала загриженост поради протетсите. Претходно тој го обвини Западот, пред се‘, САД, за давање „сигнал“ до демонстрантите со својата критика.

Dmitri Medwedew / Wladimir Putin / Russland
Дмитри Медведев и Владимир ПутинФотографија: dapd

Кремљ се обидува да ги канализира протестите

Како натаму, е централно прашање за кое деновиве најчесто се дискутира во Москва.

„Не смее да се дозволи саботната акција да влезе во историјата како еднократно ослободување на бесот“, гласаат коментарите на интернет.

Нема да има повторување на изборите, вели Ханс-Хенинг Шредер од фондацијата „Наука и политика“. Кремљ ќе реагира флексибилно на протетсите. Неговата прогноза е: „Ќе има едноставно истрага, ќе бидат откриени редица неправилности и можеби ќе се изврши прегласување на одделни места“.

Освен тоа Кремљ ќе се обиде да го канализира протестното движење, смета Шредер. Тој како пример ја наведува најавата за формирање нова деснолиберална партија од поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин. Тој се разбира тоа не го прави на своја рака, туку е дел од стратегијата на Кремљ да ги собере незадоволните, смета Шредер.

Зашто, Кудрин важи за човек на Путин, кој беше отпуштен откако пред неколку месеци го критикуваше претседателот Медведев.

Кудрин сега треба да ја преземе улогата која Кремљ ја предвиде за рускиот милијардер Михаил Прохоров, убеден е експертот Шредер. Прохоров летоска ја формираше партијата Праведна работа и требаше да ги собере гласовите на незадоволните од рускиот среден слој. Но, тоа не се случи, тој неколку месеци пред изборите поднесе оставка и ја обвини својата партија дека е „марионета на Кремљ“. Кудрин сега би требало да се обиде да го примени „моделот Прохоров“.

Самиот Прохоров се јави повторно, третиот човек по богатство во Русија најави учество на претседателските избори на 4 март 2012 година. Се‘ уште се шпекулира дали е тоа нов маневар на Кремљ заради насочување на политичката дебата.

Без водач, без тим

Факт е дека во редовите на градскиот среден слој во Русија се раѓа ново опозициско движење кое нема водач. Тоа, според експертот Шредер, е разликата на руските протести во однос на т.н. „портокалова револуција“ во Украина во 2006 година, каде постоеше раководство од делови на украинската елита.

Herr Prof. Dr. Hans-Henning Schröder
Професор Ханс-Хенинг ШредерФотографија: SWP

„Во Русија постои затворена елита, која не контрира на Кремљ“, вели Шредер.

Слично мислат и учесниците на протестите од саботата. Постојат опозициски политичари како поранешниот заменик премиер Борис Немцов, но тој не може да мобилизира голем дел од народот. За единствен лидер кој би можел успешно да се спротиставни на Кремљ се смета поранешниот нафтен магнат и критичар на власта, Михаил Ходорковски, но тој со години е во затвор.

На чело на сегашното протетсно движење во Русија не недостасува само силна личност, вели познавачот на тамошните прилики, Ханс-Хенинг Шредер.

„Недостасува тим, кој ќе го предводи ова движење и ќе го трансформира во политика“.

Многу ќе зависи од тоа дали ќе следат нови акции како онаа во саботата. Следните масовни демонстрации со барања за слободни избори се планирани за 24 декември.

Автор: Роман Гончаренко/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска