1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој може да го реши проблемот со блокадата во САД?

Бен Најт / Елизабета М. Фиданоска2 октомври 2013

Во САД нема знаци дека судирот околу буџетот би можел да биде надминат брзо. Дали оној што ќе понуди компромисно решение, ќе стане и кандидат на идните претседателски избори?

https://p.dw.com/p/19scO
Фотографија: Reuters

Медиумите ширум светот прогласија паника - првпат по 17 години американскиот Конгрес, и покрај тешките преговори, не успеа да постигне согласност за буџетот, што за последица имаше блокада на управата (government shutdown). Магазинот „Шпигел“ напиша дека американската влада сама се парализирала, додека британски „Гардијан“ последните часови од неуспешниот преговарачки маратон ги опиша како „бизарни и непредвидливи“.

Очигледно убедена дека републиканците само блефираат, Владата во Вашингтон не успеа на 48 часа до истекот на рокот да направи подготовки во случај на блокада. Но можеби и двете страни некако се навикнаа на караниците околу буџетот, кои во последните години станаа еден вид есенски ритуал во Конгресот, па на тој начин ситуацијата се заоструваше сѐ повеќе.

Неизбежна блокада

Додека Белата куќа до крај веруваше во договор во последна минута, многумина набљудувачи го предвидоа токму ваквиот крај. „На некој начин беше неизбежно да дојде до тоа. Ниту една од двете страни немаше интерес да најде решение“, објаснува Винсент Мишело, професор по политика на Сајенс По универзитетот во Лион. „Републиканците мораа да стават јасно до знаење дека остануваат верни на своите принципи. Тие сакаа да покажат дека блокадата воопшто не мора да е толку лоша.“

Barack Obama spricht im White House Rose Garden
Барак Обама не изврши подготовки навреме?Фотографија: Reuters

Демократите, од своја страна, немаа причина да попуштат. „На другата страна беше стратегијата на претседателот Обама, која ги обвинува републиканците за тоа што на економијата ѝ оди полоши и вработените во управата како релативно мала група едноставно може да се земат за заложници“, вели Мишело.

Во тој смисол, блокадата беше неопходен вовед во вистински преговори. Мишело стравува дека „двете страни се многу оддалечени во ставовите и никој не знае како да се доближат“.

Нови преговори

Според Мишело, компромис е тешко да се постигне. Една од можностите можеби била иницијатива на некој висок познат политичар. Тоа, на пример, би можела да биде личност како Мит Ромни, кој самиот веќе нема некои големи политички амбиции. Од друга страна, компромисот би можел да биде изработен и од политичар кој во иднина можеби планира да се кандидира за претседател и сега би имал можност да се претстави како „градител на мостови“.

„Во тоа има ризик, но можеби би се исплатело“, оценува Мишело. „Ризикот е што личноста ви се претставила како некој кој оди на компримис со политичкиот противник, но исплатливоста би била во тоа дека би се покажало оти таа личност може да ги доведе на иста маса двете страни. Во моментов, 90% од Американците имаат лоша слика за Конгресот. Секој кој може да го направи Конгресот барем малку пофункционален, во очите на неговата партија и на повеќето Американци ќе биде херој.“ Со други зборови, ова би бил идеален момент за некој иден претседателски кандидат. „Ситуацијата е толку комплексна, што би можела да се реши само со личен ангажман на поединец или на една група.“

USA Haushaltskrise Shutdown
Фотографија: Reuters

Последици за светот?

Последиците за економијата од блокадата зависат од тоа колку долго таа ќе трае. Според прогнозите на ИХС Глобал Инсајт, актуелната блокада би можела да ја чини американската економија до 300 милиони долари дневно (околу 220 милиони евра). Тоа, како што се стравува во Европа, може да има последици за остатокот од светската економија.

Нилс Јансен, експерт во Институтот за светска економија во Кил, сепак не верува дека работите ќе бидат толку драстични. „Малку е претерано да се каже дека ова би имало влијание на целата светска економија, но сѐ зависи од тоа колку долго ситуацијата ќе трае“, вели Јансен за Дојче веле. „Ако трае со недели, тогаш последиците би биле поголеми.“ Јансен оценува дека секој нов ден без решение ќе значи поголем притисок врз двете страни и дека токму заради тоа блокадата нема да трае предолго.