1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040210 Münchner Sicherheitskonferenz

5 февруари 2010

Иднината на Авганистан, нуклеарното разоружување, снабденоста со ресурси и состојбата на Блискиот Исток - ова се централните теми на кои ќе се расправа на Минхенската конференција за безбедност, што ќе трае до недела.

https://p.dw.com/p/Lsrf
Волфганг Ишингер - организатор на Минхенската конференцијаФотографија: AP

„Политичка пролет среде минхенската зима“ - вака Волфганг Ишингер, организаторот на Минхенската конференција за безбедност, го опиша нејзиното минатогодишно издание. Неговата изјава, пред се`, се однесуваше на доаѓањето на власт на новиот американски претседател Барак Обама и надежите кои беа поврзани со него. Повеќе дијалог и соработка, нови иницијативи за разоружување, поголеми заложби во Авганистан и Блискиот исток - новиот курс на американската политика во Минхен го претстави американскиот потпретседател Џо Бајден.

Една година од смената на власта во Вашингтон, време е да се извлече меѓубиланс, кој за Ишингер е под мотото „Нема веќе изговори“. Ова совршено одговара на политиката на меѓународната заедница кон Авганистан, за што уште еднаш ќе стане збор во Минхен. Една недела по конференцијата за Авганистан, што се одржа во Лондон, авганистанскиот претседател Хамид Карзаи го соопшти тонот, што ќе преовладува на следната конференција за Авганистан, закажана за напролет во Кабул. Таа ќе биде следниот чекор кон префрлањето на одговорноста во рацете на Авганистанците:

„Авганистан не сака да им биде товар на грбот на своите сојузници и пријатели. Авганистан сака што поскоро да може сам да ги брани својата територија и својот народ“, истакнува авганистанскиот претседател.

Во Минхен, пред се`, се слуша

Deutschland Sicherheitskonferenz in München Hotel Bayerischer Hof Besen
„Бајеришер хоф“ мора да биде светнат за угледните гостиФотографија: AP

Со Карзаи дискутираат генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, специјалниот американски пратеник Ричард Холбрук и германскиот министер за одбрана, Карл-Теодор цу Гутенберг. Министерот особено го цени неформалниот карактер на Минхенската конференција, на која не се носат никакви заклучоци, но затоа, пак, може да се зборува многу поотворено отколку на кое било друго место и тоа пред високорангирани политичари:

„Во принцип, најбитни се аргументите. Кој ги нема - или не доаѓа, или молчи. Или, пак, настапува особено самоуверено, и тоа сме го имале во изминативе години. Во Минхен не само што се зборува, туку пред се`, се слуша. Затоа секој говорник, било да е претседател или само министер, ризикува да биде ’растргнат на парчиња’ од публиката. Ова предупредување се однесува и на мене“, истакнува Цу Гутенберг.

Настан што не се испушта

China neuer Außenminister Yang Jiechi
Ново лице во Минхен кинескиот министер за надворешни работиФотографија: AP

Карактерот на Минхенската конференција за безбедност во угледниот хотел „Бајеришер хоф“, која почна да се одржува од 1962 година како Конференција за одбранбени прашања, ја претвори во доверлив барометар на расположението во меѓународната безбедносна политика. Оној, кој ја следи дискусијата во Минхен, може да ги предвиди кризите и од прва рака да ги испита можностите за нивно решавање. Тоа е причината што скоро ниту еден политичар од областа на безбедноста не ја испушта оваа конференција.

Сепак, оваа година ќе недостасуваат неколку редовни гости, како на пример американскиот министер за одбрана и германската канцеларка. Затоа, пак, годинава за првпат доаѓа кинескиот министер за надворешни работи, Јанг Јиечи, со што уште еднаш се потврдува се` поголемата тежина на азискиот континент.

Автор: Нина Веркхојзер / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска