1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој победи на изборите во Албанија?

4 јули 2005

Двете доминантни политички партии во Албанија Социјалистичката на премиерот Фатос Нано и Демократската Партија на Сали Бериша се прогласија за победници на вчера одржаните парламентарни избори во државата, кои според првичните оценки минале во фер и демократска атмосфера.

https://p.dw.com/p/AcEI
Премиерот Фатос Нано во телевизиски настап доцна синоќа по затворањето на изборните места
Премиерот Фатос Нано во телевизиски настап доцна синоќа по затворањето на изборните местаФотографија: AP

Германската новинска агенција ДПА утринава јавува дека според трендовите на досегашното пребројување на гласовите, во водство е опозиционата Демократска партија.

Како и што најавуваат испитувањата на јавното мнение спроти изборите, борбата меѓу двете најголеми партии е многу изедначена. Затоа веднаш по затворањето на изборните локали обете се прогласија за победници:

Социјалистите му ракоплескаа на актуелниот премиер Фатос Нано, кој уште вечерта ги пофали изборите, и покрај помалите нерегуларности, како што рече тој:

„Со овој ден изборниот процес кај нас ги достигна стандарди на демократски избори. Ова беа слободни и демократски избори. Тоа е победа за Албанија и ни дава надеж за натамошно приближување на нашата татковина кон евро-атлантската заедница.„

Овие избори Западот ги набљудуваше како тест на зрелост на Албанија, бидејќи од големиот пресврт и окончувањето на комунистичката диктатура, сите избори беа проткаени со насилство и систематско фалсификување.

И поранешниот претседател и лидер на опозиционата Демократската партија Сали Бериша соопшти дека неговата партија извојувала апсолутна победа на изборите:

„Веќе првите урни што беа отворени покажуваат дека Демократската партија е победник и тоа во цела Албанија!„ – порача Бериша пред своите приврзаници.

Тој додаде дека триумфот не е само победа на демократите, туку и на целиот албански народ. Бериша во минатото повеќе пати се покажа како лош губитник, кој ги поттикнуваше своите приврзаници на насилни протести. Овој пат тој се обврза дека ќе ги признае изборните резултати, какви и да се.

Но, дури и доколку се покажат како точни предвидувањата на опозиционите Демократи и владеачките СОцијалисти, за владеење а обете партии ќе им биде веројатно потребен и коалиционен партнер. Како трета сила во Парламентот се смета новото Движење за интеграција на поранешниот премиер Илир Мета. Тој додуша е отпадник од владеачката партија на Социјалистите, но и понатаму важи како можен коалиционен партнер на левицата.

Изборите беа засенети од убиството на еден помагач во изборниот процес во главниот град Тирана. Тој и припаѓал на десно настроената Републиканска партија, која спаѓа во таборот на Демократите. Шефот на Изборбната комисија Илиријан Челибаши порача:

„Многу жалиме поради овој инцидент, кој ја затру атомосферата. Но, да се надеваме дека овој инцидент не го загрозил текот на изборите. Каква и да е заднината на овој настан, такво нешто не смееше да се случи токму на денот кога се бира.„

За време на гласањето беа регистрирани и други неправилности, но според првичните оценки тие не влијаат врз вкупната слика за текот на изборите, кои беа набљудувани од 400 меѓународни и 4000 домашни набљудувачи.

На овие избори за прв пат и Македонците имаа свој кандидат. Ѓорѓи Танев дипломираниот правник од Преспа, кој се наоѓа на листата на Партијата за заштита на човековите права. Поради доцнење на регистрацијата, партијата Македонска Алијанса за европска интеграција не можеше да учествува на овие избори.