1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој суд треба да му суди на Качавенда?

Емир Мусли / Елизабета М. Фиданоска7 мај 2013

Педофилија, блудничење и „среброљубје“ ја потресуваат СПЦ. Љубомир Качавенда веќе не е владика Василије. Аналитичарите сметаат дека не би требало да биде поштеден ниту од црковен ниту од граѓански суд.

https://p.dw.com/p/18TPN
Фотографија: DW/E. Musli

За Качавенда на 21 мај ќе расправа Светиот архиерејски собор на Српската православна црква, а како што најави владиката Григорије, по се‘ изгледа и Великиот црковен суд. Доколку тоа се случи, црковен суд првпат би расправал за хомосексуалност и педофолија во монашките редови, затоа што владиците, пред се‘, се монаси кои на Бога му се заколнале на скромност. Како монаси тие не смеат да имаат ниту сексуални односи.

Професор д-р Дино Абазовиќ смета дека владиката Василије би можел да се појави и пред граѓанските правосудни органи. Но, како социолог по религија, Абазовиќ смета дека тој случај може да биде прилика да се покрене расправа во самата СПЦ:

„Тоа во религијата е познато како ’матаноја’, значи соочување со темната страна на своето минато и некаков вид преобратување кое може да биде теолошко, но и морално. Не сум сигурен дека тоа може да го очекуваме, но ми се чини дека вакви или некои слични други прилики можат да бидат можност за внатрешнорелигиски дијалог во самата заедница на верници.“

Линија на помал отпор

Медиумите веќе со месеци ги набројуваат сите наводни гревови на Љубомир Качавенда. Адвокатот Душко Томиќ прв поднесе кривична пријава против тој владика, но за Дојче веле тврди дека обвинителствата одат „по линија на помал отпор“.

Serbischer Episkop in Schwulenpornoskandal verwickelt
Љубомир Качавенда веќе не е владика ВасилијеФотографија: Darko Zabus/Klix.ba

„Ниту едно обвинителство не го сослуша владиката Качавенда, не го сослуша Бојан Јовановиќ, кој јавно сведочеше за околностите на убиството на Милиќ Блажановиќ, не ги сослуша мајката, бабата и дедото на Блажановиќ. Меѓутоа, сега имаме изјава на малолетник којшто со Качавенда бил интимен. Го земав неговото ополномоштување и ќе поднесеме кривична пријава за сексуално злоставување на малолетник.“

Инаку, ѓаконот Милиќ Блажановиќ наводно се убил во 1999 година во манастирот Папраќа, но во медиумите долго се шпекулираше дека станува збор за убиство на ѓаконот „кој знаел премногу за владиката“.

Законот треба да важи за сите

Вехид Шехиќ, претседател на „Форумот на граѓани на Тузла“, вели дека во однос на Уставот и законите нема повластени луѓе, па макар тие да припаѓаат и на духовната сфера, на верските заедници:

„Ако постојат елементи на кривично дело институциите на оваа држава би требале да реагираат на начин како што реагираат спрема другите. Во нашата пракса имало казнување на верски службеници, како случаите во Живинице и Глуха Буковица, што укажува дека тие мора да ги почитуваат законите на оваа држава.“

Serbischer Episkop in Schwulenpornoskandal verwickelt
Дел од невладините организации бараат Качавенда да одговара и за поттикнување злосторстваФотографија: Darko Zabus/Klix.ba

Шехиќ зборува за случајот на имамот Решад Омерхоџиќ, кој во 2009 година е осуден на 18 месеци затвор поради блудни дејства над малолетничка која посетувала мектепска настава.

Синан Алиќ, основач на фондацијата „Вистина, правда, помирување“, вели дека се‘ се сведува на „црковен терен“. Тој бара:

„Владиката Качавенда треба да биде под истрага на сите обвинителства за воени злосторства. Трагедијата е во тоа што тој можеби ќе биде само сменет и укорен поради тие педофилски склоности, а нема да биде осуден поради поттикнување на злосторство, индиректно и директно учество во геноцид. Тој под плаштот на Бога, под мантијата, како верски службеник на земјата, ширеше само омраза.“

Душко Томиќ тврди дека со погрешно толкување, но и со недостатоци во законите, често се фаворизираат, па и се штитат верски великодостојници. Сепак, според него, со истражувачка работа на невладините организации и на медиумите, како и со поднесување на кривични пријави, може да се промени многу нешто во општеството на Босна и Херцеговина:

„Ќе поднесеме и кривична пријава за поттикнување воени злосторства во Власеница на 12 јули 1995 година. Качавенда тогаш рече дека ’крвта бара одмазда’, дека Србите ’сториле големи подвизи одмаздувајќи се’ и дека и‘ честита на српската војска што ’ја исчистила Сребреница’ од муслимани и католици. Од тој ден навистина почнува да тече крв...“