1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој треба да се смета за ветеран?

Нина Веркхојзер / Елизабета Милошевска Фиданоска8 мај 2012

Ветераните ги има онаму кадешто има војни, на пример во Авганистан. Германските војници кои се борат таму, се гледаат себеси како ветерани. Како нив ги третира политиката?

https://p.dw.com/p/14rhF
Фотографија: AP

Во Украина, на улица, момче дели ленти на минувачите по повод воената парада на 9. мај. На тој ден во земјите од поранешниот Советски сојуз се одбележува крајот на Втората светска војна и победата над Германија. Во средиштето на парадите се поранешните војници, денес само малкумина стари луѓе, кои со ордени на градите и влажни очи ги гледаат тенковите што минуваат пред нив. Ветераните таму и во многу други земји се почитувани и имаат посебни привилегии. „Како германските ветерани го одбележуваат крајот на војната?“, ја прашува младиот Украинец репортерката на Дојче веле.

Прекин во традицијата

Veteranenparade in Moskau 9. Mai 2009
Парада на воени ветерани во Москва на 9 мајФотографија: picture-alliance/dpa

Во Германија, во 1945. година, прекина традицијата на сеќавање на ветераните. Официјалниот „Ден на сеќавање на хероите“, во чест на Вермахтот, пропадна заедно со националсоцијалистите. Сеќавањето во Сојузната република се концентрираше врз загинатите во двете светски војни. Освен тоа, постоеше и грижата за ранетите во војната и грижата за пристојни гробови за загинатите војници.

По распуштањето на Вермахтот, една деценија воопшто немаше германска армија, а здруженија на ветерани беа забранети. И во Бундесверот, формиран во 1955. година, за време на Студената војна, немаше традиција на ветерани. Со зголемувањето на бројот на германски војници во странски мисии, во Авганистан, на Балканот или во Африка, тоа сега се менува. Се вели дека веќе има 300.000 војници кои учествувале во такви мисии.

Министерот за одбрана Томас де Мезие во септември 2011. година, во Бундестагот рече дека „во Германија веќе извесен број години повторно има ветерани на Бундесверот“ и се заложи за повторно оживување на тој поим. Со тоа поимот „ветеран“, кој со години не беше користен, повторно влезе во официјалниот речник на германските политичари. „Како и другите нации, и ние би морало да зборуваме за нашите ветерани“, рече министерот.

Импулсот за тоа дојде од самите војници, кои (делумно ранети или трауматизирани) се враќаа од мисиите во странство и самите се нарекуваа ветерани. Во 2010. година тие во Берлин основаа здружение за застапување на интересите „Сојуз на германски ветерани“. Критичарите сметаат дека поимот ветерани носи историски товар и дека не е потребен во денешна Германија.

Кој во Германија се смета за ветеран?

Дискусијата за тоа кој треба да припаѓа во групата ветерани во моментов е во полн ек - дали се ветерани сите искусни и поранешни војници на Бундесверот, или само војниците кои биле во мисии во странство, или исклучиво оние кои биле дел од борбени акции? „Сојузот на германски ветерани“ веќе се определи - за него сите војници кои биле во мисии во странство се ветерани.

Министерот за одбрана не сака поделба на воените сили на војници „со и без ветерански статус“. Многумина војници се со став дека службата „на домашен фронт“ за време на студената војна треба да има еднаков статус како и воениот ангажман во Авганистан.

За германските војници кои учествуваат во акциите на Бундесверот во текот на изминатите години предвидени се бројни признанија и одликувања како „Почесен крст за храброст“ или „Медал за борбени активности“. Но она што на многумина активни војници се‘ уште им пречи е што надвор од воените кругови, на политичко ниво и во општеството, речиси и воопшто не им се оддава признание.

Thomas de Maiziere
Томас де Мезие: Би морало да се зборува за ветеранитеФотографија: dapd

Во Германија сега се размислува за воведување Ден на ветераните. Ваквата инцијатива има голема поддршка, како на пример кај влијателното Здружение на Бундесверот, кое има 200.000 членови. „Сите жени и мажи кои се во мисија се жртвуваат за Сојузна Република Германија. Одамна е време тоа да биде признато од страна на општеството“, вели Уве Кепсел од Здружението на Бундесверот.